сабота, 22. јануари 2022. Вести денес: 53
home Вести

Се зголеми смртниот биланс од ерупцијата на вулканот Семеру

Се зголеми смртниот биланс од ерупцијата на вулканот Семеру

Најмалку 22 луѓе загинаа, а 27 се уште се водат како исчезнати по ерупцијата на вулканот Семеру во провинцијата Источна Јава во Индонезија викендов, соопшти денеска агенцијата за катастрофи на земјата.

Според Националната агенција за управување со катастрофи, повеќето од жртвите починале откако биле погодени со врели вулкански остатоци за време на ерупцијата во саботата, а многумина изгореле до непрепознатливост, пренесува ДПА.

Досега се идентификувани само 13 жртви, се вели во соопштението.

Ерупцијата ги натера селаните во округот Лумајанг да ги напуштат своите домови преплашени додека огромен столб чад се издигна на небото, а растопените карпи и гасот се спуштаа по падините.

Најмалку 68 луѓе се здобиле со изгореници предизвикани од врели вулкански материјали, соопштија локалните власти.

Индонезискиот претседател Џоко Видодо, кој денеска го посети местото на ерупцијата, рече дека околу 2.000 семејства треба да се преселат откако нивните домови биле уништени.

– Треба да одлучиме каде ќе се преселат и веднаш да изградиме нови домови за нив, рече тој.

Речиси 2.000 луѓе се раселени поради катастрофата. Тие добија привремено засолниште во џамии и владини канцеларии, меѓу другите локации, соопшти агенцијата.

Коронавирус