среда, 23. септември 2020. Вести денес: 173
home Вести

Се затвора еден од најозлогласените руски затвори

Се затвора еден од најозлогласените руски затвори

Бутирка, еден од најозлогласените руски затвори во кој робувале многубројни познати личности, меѓу кои и писателот Владимир Мајаковски и Хајнрих, роднината на Хитлер, наскоро се затвора.

Тоа за рускиот весник „Московски комсомољец“ го потврди претставникот на руската служба за извршување казни Валериј Максименко. Тој изјави дека Бутирка и уште еден затвор во Москва ќе бидат наскоро затворени, а затворениците ќе бидат префрлени во нов објект на периферија на градот, кој ќе почне да се гради следниот месец.

Зградата ќе им биде предадена на градските власти. Бутирка, импозантна градба од црвени тули во центарот на Москва, сега служи како притвор, а во него се наоѓаат околу 2.000 затвореници.

Во Бутирка долги години отслужувале казна познати личности, од протерани писатели од времето на СССР, Александар Солжењицин и Исак Бабељ, до Хајнрих, роднина на Хитлер. Пред доаѓањето на болшевиците на власт во 1917 година, еден од затворениците бил Феликс Џержински, прв директор на тајната советска полиција Чека, која и претходеше на Сталиновата НКВД и денешната руска ФСБ.

По 1917 година, новиот комунистички режим го приспособи затворот за свои потреби и го наполни со затвореници за време на Сталиновите чистки во 30-те години.

– Голем број крикови и лелекања на измачувани луѓе истовремено се слушаа низ отворените прозорци на нашата ќелија. Заедно со нивните пискотници, ги слушавме и пцовките на мачителите, се потсетува писателката Евгенија Гинзбург, која била во Бутирка во 1937 година.

Меѓу останатите познати писатели, кои отслужувале казна во Бутирка во 30-те и 40-те години, биле Варлам Шаламов и Осип Мандељштам. Еден од „станарите“ на Бутирка бил и Сегреј Корољов, советски ракетен експерт и шеф на советската вселенска програма во периодот на вселенската трка со САД кон крајот на 50-те и почетокот на 60-те години.

Најголемиот и најстар затвор во Москва е изграден за време на владеењето на Катарина Велика во 1771 година и оттогаш е реновиран неколку пати. Во него кратко престојувал лидерот на селската буна јемељан Пугачов, пред да биде убиен.

Младиот револуционер и поет Владимир Мајаковски таму бил затворен во 1909 година, каде првпат почнал да пишува стихови.

Максименко оценува дека московските власти би можеле за една до две години да изградат нов затвор со ќелии со површина од седум метри квадратни по затвореник, што е речиси блиску до европските стандарди.

Британскиот весник „Гардијан“ наведува дека постои голем сомнеж, имајќи предвид дека и порано често се зборувало за затворање на Бутирка, па тоа не се случило. По распадот на СССР затворот продолжил да функционира како притвор.

Бутирка станал синоним за ужасните услови на рускиот затворски систем, но послужол и како музичка инспирација. Имено, така се вика популарната руска група, која во својот репертоар има балади за затворскиот живот, како на пример „Ќе робувам поради туѓите гревови“ и „Прекрасна есен во логорите“.

Коронавирус