сабота, 31. октомври 2020. Вести денес: 91
home Вести

Сасоли: Европскиот парламент ќе бара навраќање на буџетските преговори

Сасоли: Европскиот парламент ќе бара навраќање на буџетските преговори

Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, најави дека неговата институција се координира пред да започне да преговара со Советот на ЕУ за постигнатиот договор за повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ и Фондот за закрепнување, јави дописничката на МИА од Брисел.

ЕП, кој го има последниот збор во буџетските преговори, е генерално задоволен од постигнатиот компромис на ниво на земјите членки на ЕУ, но остануваат три „важни теми“ на кои оваа институција ќе инсистира, најави Сасоли.

Станува збор за управувањето со Фондот за закрепнување, сопствените буџетски ресурси на ЕУ и суштински прашања за самата седумгодишна буџетска рамка.

-Прашањето на повеќегодишната буџетска рамка е тука и сакаме да дискутираме за суштината на попустите, тука треба да има корекции, а ние имаме последен збор на оваа тема, се надевам дека ќе помогне да се надминат разликите посебно во делот на намалувањата кои не овозможуваат да се постигнат целите на Европската Унија.

Декларираните политички цели на ЕУ се Зелениот пакт, дигитализацијата, институционална отпорност, и реформата на системот за азил и миграција на ЕУ, меѓу другото.

Компромисот за буџетот на ниво на лидерите на ЕУ во вторникот донесе значајни намалувања во некои од клучните ставки на Унијата, и Парламентот оценува дека овие промени се контрадикторни со амбициите на Европската Унија. Како пример Сасоли ја издвои реформата на системот на азил и миграција и потсети дека се намалени средствата за миграција, што “нема логика“.

-Има точки кои сакаме да ги отвориме во конструктивен дух за да ги коригираме грешките на повеќегодишната буџетска рамка, рече Сасоли.

Тој е уверен дека Европскиот Парламент ќе успее во својата цел и ќе добие позитивен одговор од другите институции.

-За буџетската рамка има уште доста работа и сметам дека е во интерес на сите да направиме измени, додаде шефот на Европарламентот.

Пратениците се генерално “многу задоволни“ од компромисот за Фондот за закрепнување, со оглед на тоа дека е запазен целокупниот износ од 750 милијарди евра, иако не сите се задоволни од распоредот помеѓу грантовите и заемите.

Европскиот Парламент во овој дел ќе бара да биде вклучен во управувањето и надзорот на овие средства и нивната дистрибуција. Парламентот нема надлежност да ги контролира националните планови, но може да даде мислење за тоа дали тие се во согласност со главните амбиции на Европската Унија, како Зелениот Пакт, рече Сасоли.

Што се однесува до сопствените буџетски ресурси, односно средствата на располагање на Унијата кои не доаѓаат од националните каси на земјите членки, Европскиот Парламент бара “прецизен календар“ со две нови ресурси за 2021 и брзо одредување на календарот за следните. Во заклучоците на Европскиот Совет од 21 јули како ресурси се споменуваат данокот на пластичен отпад и таканаречениот ЕТС, систем на размена на штетна емисии. Оваа “берза“ на емисии на штетни гасови им овозможува на големите морски и воздушни превозни индустрии да откупат и продадат “право на загадување“. Се споменуваат и други такси поврзани за загадувањето како и можна европска такса врз финансиските трансакции.

Запрашан дали е подготвен да го отфрли компромисот доколку не е задоволителен за Европарламентот и дали овие нови преговори би можеле да се одолговлекуваат, Сасоли не одговори директно, но потсети дека преговорите се пожелна и нормална работа за една демократија.

-Кога дискутираат шефовите на држави и влади во Европскиот Совет тоа е добра работа, добро е што не пристигнуваат во Брисел со заклучоци договорени однапред. Демократијата е тешка, таа е компромис, на тоа сме навикнати, рече претседателот на Европскиот Парламент.

Европратениците утре ќе одржат дебата со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.

Повеќето политички партии најавија прилично консензуални позиции пред утрешната дебата, но Зелените се поставија поостро од другите.

За нив, таканаречените штедливи земји го “спречија целосното изразување на европската солидарност“. Зелените силно ги критикуваат компромисите направени на штета на позициите на Европскиот Парламент, како што е јасна условеност на средствата за економска помош со владеењето на правото. (МИА)

Коронавирус