недела, 5. декември 2021. Вести денес: 71
home Вести

Самит на најмоќните светски економии во Рим, мобилизирани 500 војници

Самит на најмоќните светски економии во Рим, мобилизирани 500 војници

Лидерите на најголемите светски економии викендов ќе се соберат во Рим на првиот самит на Г20 во живо од почетокот на пандемијата, а главни теми ќе бидат Ковид-19, економското закрепнување и климатските промени.

Како што пренесуваат странските агенции, американскиот претседател Џо Бајден ќе ја испрати пораката „Америка се врати“ по четири години „остра дипломатија на Доналд Трамп“, додека рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг ќе учествуваат преку видео врска.

Поради нивното отсуство, намалени се очекувањата од самитот, кој вообичаено е форум за договори меѓу сојузниците и ривалите од различни сили – од САД и Кина до Турција, Индија, Саудиска Арабија, Бразил, Австралија и Европската унија.

Важна тема на состанокот се и климатските промени во пресрет на самитот за климата КОП26, кој почнува во понеделник во Глазгов.

Се очекува лидерите да го потврдат договорот за минимален данок од 15 проценти за глобалните корпорации и да разговараат за економското закрепнување по пандемијата и поврзаните ризици, како и за нееднаквата вакцинација на земјите.

Италијанскиот премиер Марио Драги рече дека самитот „го означува враќањето на мултилатерализмот, по мрачните години на изолационизам и изолација поврзани со здравствената криза“.

На самитот се спроведуваат строги безбедносни протоколи, особено по судирите на почетокот на овој месец во центарот на Рим меѓу полицијата и демонстрантите против задолжителните ковид сертификати на работното место.

Привремено се воведени гранични контроли, со отстапување од Шенген зоната, додека зоната за забранети летови е на сила над поголемиот дел од Рим.

За безбедноста на самитот мобилизирани се 500 војници.

Коронавирус