четврток, 3. декември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Самит ЕУ – Западен Балкан в среда преку видео конференциска врска

Самит ЕУ – Западен Балкан в среда преку видео конференциска врска

Состанок на лидерите на земјите членки на ЕУ и Западен Балкан ќе се одржи в среда, 6 мај, преку видео конференциска врска поради пандемијата на новиот коронавирус, соопшти хрватското претседателство со ЕУ.

– ЕУ и Западен Балкан се обединети во борбата против Ковид-19. Самитот ќе овозможи истакнување на меѓусебната солидарност и соработка во време на кризата, се наведува во соопштението, потсетувајќи дека ЕУ обезбедила 3,3 милијарди евра помош за земјите од Западен Балкан во борбата против пандемијата.

Лидерите, исто така, ќе ја потврдат перспективата на Западен Балкан и „определеноста на западнобалканските држави да се придржуваат кон европските вредности и начела“.

– ЕУ е најважен партнер на регионот на Западен Балкан, а видео конференцијата ќе го истакне значењето на заедничкиот однос меѓу Унијата и Западен Балкан, се додава во соопштението.

Учесниците на видео конференцијата ќе разменат мислења за новата фаза за блиска соработка за решавање на социо-економските последици од Ковид-19, важноста на регионалната соработка, како и начините за најдобро справување со безбедносните предизвици.

На состанокот ќе учествуваат шефови на држави или влади на земјите членки на ЕУ и на шесте западнобалкански држави – Северна Македонија, Албанија, БиХ, Србија, Црна Гора и Косово.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел ќе претседава со состанокот и заедно со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен ќе ја претставуваат ЕУ.

Претходниот самит ЕУ – Западен Балкан беше одржан на 17 мај 2018 година во Бугарија, кога е усвоена Софиската декларација.

Коронавирус