недела, 28. февруари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Садир Жапаров победи на претседателските избори во Киргистан

Садир Жапаров победи на претседателските избори во Киргистан

Киргистанскиот националистички политичар Садир Жапаров убедливо победи на вчера оддржаните предвремени претседателски избори во Киргистан, а кои се одржаа откако граѓанските протести во октомври за спорното гласање во парламентот земјата ја одведоа во политички хаос.

Првичните резултати на изборната комисија покажуваат дека Жапаров освои речиси 80 ​​проценти од гласовите во оваа централноазиска држава, тесно поврзана со Русија, што значи дека нема да има втор круг од изборите, пренесе Хина.

Повеќе од 80 проценти од гласачите, исто така, го поддржаа предлогот за уставни реформи што ќе му даде поголема моќ на претседателот во однос на парламентот.

Насилните протести, што избувнаа во октомври минатата година по спорните парламентарни избори, експресно го лансираа Жапаров (52) од затворската ќелија во премиерското столче и кулминираа со преземање на привременото претседателство.

По изборите, на кои провладините партии лојални на тогашниот претседател Соронбај Џенбеков освоија најмногу гласови, илјадници демонстранти излегоа на улиците на главниот град Бишкек.

Демонстрантите упаднаа во зградата на парламентот, канцеларијата на претседателот и затворот, ослободувајќи го Жапаров, поранешен лидер на опозицијата, кој подоцна беше назначен за премиер, а потоа и за вршител на должноста претседател, откако Џенбеков поднесе оставка за да ги прекине протестите.

На Жапаров, кој беше осуден на неколку години затвор заради киднапирање на провинцискиот гувернер во текот на еден опозициски протест, во екот на немирите во октомври му беше поништена затворската казна, а за време на кампањата имаше голема предност пред другите 16 претседателски кандидати.

Коронавирус