вторник, 22. септември 2020. Вести денес: 82
home Вести

САД со санкции против тројца Руси и украински парламентарец за вмешаност во изборите

САД со санкции против тројца Руси и украински парламентарец за вмешаност во изборите

Министерството за финансии на САД денеска објави санкции против тројца Руси и еден Украинец поради вмешаност во американските избори.

Се работи за Антон Андрејев, Артјом Лифшиц и Дарја Асланова од Санкт Петербург, и за Андреј Деркач, пратеник во Врховната рада (Парламент) на Украина. Американските власти ја обвинуваат Русија за мешетарење во претседателските и конгресните избори на САД и влијание врз јавното мислење за избор на кандидатите за претседател.

Во денешното соопштение на министерството се тврди дека Русите се поврзани со таканаречената „фабрика за тролови“ или Агенцијата за интернет истражувања на бизнисменот Евгениј Пригожин. Деркач пак, член на проруската парламентарна „Партија на регионите“, бил руски агент поврзан со руски тајни служби и вклучен во кампањата за вмешаност на изборите.

Тој неодамна објавил снимки, со гласови слични на гласовите на рускиот претседател Владимир Путин, претседателскиот кандидат на САД од Демократската партија, Џо Бајден, и поранешниот претседател на Украина, Петро Порошено. Кремљ негираше дека материјалот е оригинален. Партијата на Порошенко, „Европска солидарност“ ги нарече снимките „фејк“.

-САД продолжуваат со употреба на целиот свој инструментариум за да се спротивстават на руската кампања на дезинформации и да ја сочуваат неприкосновеноста на нашиот изборен систем, јавуваат од прес службата на Стивен Мнучин, министер за финансии.

Министерството за правда на САД ги обвини Пригожин и неговата агенција за вмешаност во изборите во 2016 година. Против него и неговите компании се воведени санкции, кои потоа се проширија и против лица и компании поврзани со дејноста на рускиот бизнисмен.

На лицата кои се под американски санкции им се замрзнува целиот имот што го имаат во САД, се блокираат американските компании и нивни подружници во странство кои соработуваат со нив, се блокираат компаниите во кои тие имаат над 50 отсто сопственост, забранет им е влезот во САД. (MИА)

Коронавирус