недела, 17. јануари 2021. Вести денес: 72
home Вести

Руската православна црква предупредува за крвопролевање за Украинската црква

Руската православна црква предупредува за крвопролевање за Украинската црква

Давањето автокефалност на Украинската црква може да предизвика напади врз манастирите и судири во нив, предупреди рускиот митрополит Иларион, претседател на Одделението за надворешни работи во Московската патријаршија.

Неговата изјава е дадена во момент на спор меѓу Руската православна црква и Вселенската патријаршија, која е на пат да признае автокефалност на канонски непризнатата Киевска патријаршија.

– Одземањето права на Московската патријаршија од Украинската православна црква, може да предизвика сериозни последици. Може да се очекува расколниците да преземат контрола врз големите манастири. Тогаш православните верници ќе ги штитат тие места и може да се случи крвопролевање, изјави митрополитот Иларион во интервју за РТ.

Руската православна црква ги прекина во петокот дипломатските односи со Вселенската (Цариградска) патријаршија, која има надлежност над 300 милиони православни христијани.

Ова се случува во момент кога вселенскиот патријарх се подготвува да ја признае автокефалноста на Украинската православна црква, со што таа ќе стане независна од московскиот патријарх Кирил.

Кремљ соопшти дека нема да се меша.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков ги нарече извештаите за претстојните поделби вознемирувачки и додаде: „Секако, за Москва и за сиот православен свет единствено посакувано сценарио е сочувување на православниот свет“.

Русија смета дека Киев е историска колевка на Руската правослвана црква.

РПЦ веќе подолго време ја држи под своја власт црквата во Украина, но, до разидување меѓу црквите дојде во текот на кратката независност на Украина по падот на руската империја и повторно по распаѓањето на комунизмот 1991 година.

Портпаролот на руската црква Владимир Легојда рече дека Светиот синод одлучил да го откаже учеството во сите структури во кои претседаваат или копретседаваат претставници на Вселенската патријаршија.

Ќе престанат сите заеднички служби, а патријархот Кирил нема повеќе да го спомнува цариградскиот патријарх Вартоломеј Први во своите молитви, се наведува во одлуката на Синодот.

Митрополитот Иларион, раководител на Одделот за надворешни односи на Руската црква, ја опиша моменталната ситуација како „раздор на односите“.

– Кога би направиле споредба со секуларниот живот, одлуката би била отприлика еднаква на намалување на дипломатски врски, изјави митрополит Иларион.

Коронавирус