понеделник, 17. мај 2021. Вести денес: 154
home Вести

Русија побара од Словачка да ги врати вакцините поради кршење на договорот

Русија побара од Словачка да ги врати вакцините поради кршење на договорот

Русија денеска побара од Словачка да ѝ ги врати дозите вакцини против ковид „Спутник В“ поради повеќекратно кршење на договорот.

На официјалниот профил на Твитер на вакцините „Спутник В“ се наведува дека словачката агенција за лекови, „кршејќи го посточекиот договор и вршејќи саботажа“ го тестирала тој производ во лабораторија која не е дел од официјалната мрежа на лаборатории на ЕУ за контрола на лекови.

Наведено е дека словачкиот Државен институт за контрола на лекови „покренал кампања на дезинформации“ против вакцината „Спутник В“ и дека „планира дополнителни провокации“.

Словачката агенција наведе дека официјалната мрежа на лаборатории во ЕУ единствено ги тестира вакцините регистрирани во Унијата, што со руската вакцина не е случај.

Додаде дека не се знаат деталите на словачко – рускиот договор зошто е класифициран како доверлив.

Неколку часа пред Русија да побара од Словачка да ги врати вакцините, словачкиот институт наведе дека од производителите на руските вакцини не добил доволно информации за да може да ја процени користа и ризиците од нејзината употреба.

Институтот наведе дека од Русија добиле околу 80 проценти од бараните податоци и додаде дека вакцината испорачана во Словачка се разликува од „Спутник В“ вакцината, за која податоците се објавени во научното списание Лансет и чија ефикасност е проценета на 91 отсто.

Руската вакцина „Спутник В“ се уште не е одобрена за употреба во ЕУ, но Европската агенција за лекови (ЕМА) го почна нејзиното проценување во март.

Словачкиот Институт наведе и дека вакцината која ја проценува ЕМА се разликува од онаа која е испратена во Словачка.

Русија тврдењата ги отфрли како „лажни вести“.

„Сите дози од вакцината „Спутник В“ се со ист квалитет и поминуваат низ ригорозната контрола на Институтот Гамалеја. Квалитетот на вакцината „Спутник В“ ги потврдија регулаторните агенции на 59 земји“, се наведува од руски извори.

Владата на Словачка неодамна падна откако доскорешниот премиер Игор Матович склопи таен договор со Русија за купување на два милиони дози вакцини „Спутник В“, и покрај противењето на коалициските партнери на неговата партија.

Матович, заменик премиерот и министер за финансии во новата влада, го дочека авионот со првите 200.000 дози руски вакцини на 1. март.

Тој денеска во Москва разговараше со руски официјални лица за натамошна испорака на вакцини.

Коронавирус