среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 144
home Вести

Романија планира да воведе задолжително носење маски

Романија планира да воведе задолжително носење маски

Романските власти планираат да воведат задолжително носење маски на јавни места каде има голем број луѓе и затворање на баровите во 23 часот за да се справи со зголемувањето на бројот на новозаразени со коронавирусот.

Во Романија, според податоци на универзитетот Џонс Хопкинс, регистрирани се 47.053 случаи на коронавирус и 2.239 смртни случаи, но бројот на заболени од неодамна се зголемува, така што минатата недела имаше повеќе од 1.000 нови случаи секој ден, јави Би-Би-Си.

Романската Влада до јули со указ ги хоспитализираше заразените лица и им нареди на оние што се изложени на вирусот да останат дома.

Сепак, на почетокот на месецот Уставниот суд донесе одлука дека тоа не е легално, па 972 позитивни пациенти беа пуштени од болница и покрај советите на лекарите, а околу 3.680 заразени лица воопшто не беа лекувани во болница.

Од тогаш донесен е нов закон со кој Владата може да спроведе изолација и хоспитализација.

Романскиот министер за здравство, Нелу Татару предупреди дека нивното пуштање може да доведе до скок на бројот на нови случаи.

Властите лица исто така истакнаа дека луѓето не преземале хигиенски мерки и не одржувале растојание, а не ја почитувале ниту наредбата да носат маски во јавниот превоз. (МИА)

Коронавирус