петок, 6. декември 2019. Вести денес: 98
home Вести

Ријад и Доха со осуда за насилството во Појасот Газа

Ријад и Доха со осуда за насилството во Појасот Газа

Саудиска Арабија и Катар го осудија вчерашнот убиство на десетици Палестинци од страна на израелската армија во Појасот Газа.

– Саудиска Арабија остро го осудува отворањето на оган од страна на израелските окупациски сили врз невооружени палестински цивили, што доведе до смрт и повреди на десетици луѓе, изјави портпаролот на саудиското Министерство за надворешни работи.

Тој ја повика меѓународната заедница да „преземе одговорност и да го запре насилството врз Палестинците. Но, портпаролот не го спомна вчерашното отворање на Амбасадата на САД во Ерусалим.

Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за преместување на Амбасадата беше осудена на Самитот на Арапска лига, што се одржа на 17 април во Саудиска Арабија.

Претходно, Катар го осуди „масовното убиство“ на Палестинците во Појасот Газа, но и „едностраната одлука на САД да ја преместат својата Амбасада во Ерусалим.

Портпаролката на катарското Министерство за надворешни работи остро го осуди убиството на Палестинците и ја повика меѓународната заедница да ги запре „жестоките убиства“.

Во вчерашните протести организирани поради дислоцирањето на Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим израелската армија уби 58 Палестинци, а најмалку 2.700 се повредени.