недела, 11. април 2021. Вести денес: 0
home Вести

Расте довербата во вакцините против коронавирусот

Расте довербата во вакцините против коронавирусот

Довербата во вакцините против Ковид-19 расте ширум светот и се повеќе луѓе се подготвени да ја примат, а истовремено се намалуваат стравувањата од несакани ефекти, покажуваат резултатите од студија спроведена во 14 земји.

Истражувањето е спроведено од Институтот за глобално здравје иновации при Империјал колеџ во Лондон (IGHI) и компанијата „ЈуГов“ (YouGov) и покажува дека довербата во вакцините е зголемена во девет од 14 земји, вклучувајќи ги Франција, Јапонија и Сингапур, каде претходно довербата во вакцините беша мала.

Според истражувањето, спроведено од 8 до 21 февруари, најподготвени за вакцинирање се Британците, од кои 77 проценти изјавиле дека сакаат да се вакцинираат против Ковид-19. Во ноември минатата година пред да биде одобренна вакцината на Фајзер/БиоНтек, само 55 отсто од Британците изразиле подготвеност да се вакцинираат.

Луѓето во Франција, Сингапур и Јапонија сепак се најмалку подготвени да примат вакцина против Ковид-19.

Во Франција, само 40 отсто од испитаниците изјавиле дека сакаат да се вакцинираат, а во Сингапур и Јапонија нивниот процент изнесува 48. Сепак, зголемување на подготвеноста е забележано и во овие три земји, бидејќи во ноември само 25 проценти од Французите, 36 проценти од Сингапурците и 39 проценти од Јапонците биле подготвени да се вакцинираат.

Резултатите покажуваат дека во поголем број земји е намален стравот од несакани ефекти на вакцината.
Французите (56 проценти), Сингапурците (59 отсто) и Јапонците (61 процент) се најмногу загрижени за можните нус ефекти од вакцината, а Британците се најмалку загрижени.

Во анкетата учествувале повеќе од 13.500 луѓе во Австралија, Велика Британија, Канада, Данска, Франција, Германија, Израел, Италија, Јапонија, Холандија, Норвешка, Сингапур, Јужна Кореја, Шпанија и Шведска.

Коронавирус