вторник, 19. ноември 2019. Вести денес: 47
home Вести

Пуџдемон им се предаде на белгиските власти, одбива екстрадиција

Пуџдемон им се предаде на белгиските власти, одбива екстрадиција

Поранешниот лидер на Каталонија, Карлос Пуџдемон им се предаде на белгиските правосудни органи, откако Шпанија издаде нов налог за негово апсење, а после изрекување на казната за неговите колеги, кои исто така се залагаа за независност на Каталонија.

Пуџдемон, придружуван од неговите адвокати, доброволно се појавил пред белгиските власти, соопшти неговата канцеларија.

Се додава и дека Пуџдемон го отфрлил налогот за апсење и се спротивставил на секој обид да биде вратен во Шпанија.

Сепак, шпанскиот Врховен суд соопшти дека истражен судија ги известил белгиските судски власти дека Пуџдемон нема парламентарен имунитет кој би можел да ја спречи неговата екстрадиција во Шпанија.

Во соопштението од судот стои дека белгиските власти утрово побарале појаснување за случајот.

Некои светски агенции јавија дека не е јасно дали Пуџдемон сè уште се сослушува или е задржан во притвор.

Пуџдемон, заедно со неколку соработници, избегаа во Белгија во октомври 2017 година, откако беа повикани на суд за обид за отцепување и одржување референдум за независност на Каталонија.

Врховниот суд во Мадрид во понеделникот осуди деветмина поранешни каталонски политичари и активисти на девет до 13 години затвор за нивната улога во неуспешното прогласување независност на Каталонија во 2017 година.

Тројца други обвинети беа прогласени за виновни само за непослушност и не добија затворски казни.

Поранешниот премиер на Каталонија, Ориол Џункуерас е осуден на 13 години затвор поради бунт и злоупотреба на јавните фондови за одржување референдум за независност на Каталонија.