четврток, 27. јуни 2019. Вести денес: 69
home Вести

Протести во Сирија поради признавањето на САД на израелскиот суверенитет над Голан

Протести во Сирија поради признавањето на САД на израелскиот суверенитет над Голан

Неколку илјади лица денеска се собраа во повеќе градови ширум Сирија, за да го изразат своето незадоволство од одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп официјално да го признае израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина, која Израел ја презеде од Сирија за време на Арапско-израелската војна во 1967 година.

Сириските државни медиуми јавија дека на протестите присуствувале „голем број мажи и жени“, кои носеле сириски и палестински знамиња и транспаренти со натпис „Голан е сириски“.

Протести биле одржани во Дамаск, Алепо, Хомс, Хама, Хасака, Свеида, како и во Дара, што се наоѓа на само 20-тина километри од Голанската Висорамнина.

Со осуда на одлуката на Трамп се огласија голем број држави, меѓу кои и земји сојузнички на САД.

Така, во заедничко соопштение на амбасадорите на Белгија, Велика Британија, Германија, Полска и Франција во ОН, се наведува дека овие пет држави не го признаваат суверенитетот на Израел врз Голан.

Петте земји од ЕУ, членки на Советот за безбедност на ОН, нагласуваат дека „насилна анексија на некоја територија е забранета со меѓунардоното право“, додавајќи дека „едностраните промени на границите се во спротивност со меѓународниот поредок, кој се базира на меѓународното право и Повелбата на ОН“.

Израел презеде контрола над Голанската Висорамнина во текот на арапско–израелската Шестдневна војна, што траеше од 5 до 10 јуни 1967 година. По ова, Израел во 1981 година прогласи анексија на Голанската Висорамнина, што не беше признато од меѓународната заедница.