сабота, 29. јануари 2022. Вести денес: 0
home Вести

Протести ширум светот против Амазон

Протести ширум светот против Амазон

Климатските активисти и синдикатите на „Црн петок“ протестираа низ Европа и светот пред магацините  на Амазон, компанија во сопственост на еден од најбогатите луѓе во светот, која честопати е критикувана за непочитување на работнички права и недоволно платените даноци.

Амазон, корпорација на Џеф Безос со седиште во Сиетл, беше критикувана од активисти за климата за, како што тврдат, прекумерната потрошувачка што и штети на животната средина.

Синдикатите, пак, ја обвинуваат компанијата, која се фокусира на е-трговија, за прениски плати, ужасни работни услови и задушување на работничките здруженија.

Амазон е вториот најголем работодавач во САД по Волмарт, со 1,3 милиони работници на кои Безос им се заблагодари во јули по неговото вселенско патување „бидејќи тие платија за сето тоа“.  Американската корпорација беше критикувана и од американскиот претседател Џо Бајден претходно оваа година, велејќи дека користела „различни дупки во законот за да избегне плаќање ниту цент за федерален данок на доход“, за разлика од средната класа, која плаќа 20 проценти.

-Црниот петок е олицетворение на опсесијата за прекумерна потрошувачка што не е во согласност со зачувувањето на планетата погодна за живот. Амазон и слични компании ја искористија нашата желба за удобност и ја поттикнаа дивата птрошувачка на сметка на природниот свет, соопшти  активистичката група Бунт против изумирање (Extinction Rebellion) откако го блокираа пристапот до 13 магацини  на Амазон во Велика Британија.

Групата блокираше магацини и во Германија и во Холандија.

Групата тврди дека Амазон испушта повеќе стакленички гасови од држави со средна големина. Сепак, сопственикот Безос зборуваше на климатската конференција КОП26 во Глазгов, наведувајќи  дека неговото патување во Вселената го променило неговиот поглед на светот. Безос вети две милијарди долари за зачувување на природата.

Синдикатите во најголемите европски економии ги повикаа работниците во магацините и возачите да штрајкуваат поради неправедно ниските плати во Амазон.

Во Германија, најголемиот пазар на корпорацијата по САД, синдикатот Верди објави дека 2.500 работници на Амазон стапиле во штрајк во Рајнберг, Кобленц и Грабен.

ЦГТ, еден од најголемите француски синдикати, исто така ги повика работниците на Амазон на штрајк, а тие се одржуваат во Италија, Индија, Камбоџа, САД и Турција.

Коалицијата Направете Амазон да плати (Make Amazon Pay), која ги обединува синдикатите во САД, Европа и Азија, нагласи дека бара „Амазон да ги плаќа своите работници праведно и да го почитува нивното право да се приклучуваат на синдикатите, да плаќаат фер износ на даноци и да се посвети на еколошката одржливост“.  (МИА)

Коронавирус