петок, 18. септември 2020. Вести денес: 24
home Вести

Протест во Бејрут: Изреволтирани демонстранти по експлозијата во Бејрут се судрија со полицијата (ВИДЕО)

По силната експлозија во Бејрут при што загинаа најмалку 137 луѓе, следат протести против владата на Либан. На протестите демонстрантите се судрија со припадниците на безбедносните сили.
Протест во Бејрут: Изреволтирани демонстранти по експлозијата во Бејрут се судрија со полицијата (ВИДЕО)

Во близина на парламентот се собраа демонстранти, а полицијата во повеќе наврати употреби солзавец, пренесе BBC. Незадоволните граѓани се налутени од фактот дека тешката експлозија е предизвикана од небезбедно складираниот амониум нитрат на градското пристаниште. Многумина велат дека невниманието на владата довело до експлозијата. Неколку луѓе се повредени во протестот. Демонстрантите предизвикаа помали пожари и со камења ги гаѓаа припадниците на безбедносните сили, пренесе Guardian.

Протестите се одржаа откако либанската амбасадорка во Јордан соопшти дека ќе поднесе оставка, наведувајќи дека целосното невнимание на властите на земјата укажуваат на потреба за промена на лидерството. Во телевизиско обраќање амбасадорката изјави дека не може повеќе да ја толерира неспособноста на владата.

Ова е втора оставка на либански политичар од експлозијата. Инаку, либанската државна новинска агенција NNA пренесе дека 16 лица се приведени како дел од истрагата за експлозијата. Меѓу притворените е и главниот директор на пристаништето. Според судијата Фадиј Акики, претставник на владата на воениот суд, властите досега испитале повеќе од 18 вработени службеници во пристаништето и во царината, како и останати вклучени во работата на одржување на магацините, пренесе Reuters.

Вчера во посета на Либан беше францускиот претседател Емануел Макрон кој го посети Бејрут и изјави дека се потребни длабоки промени од власта. Тој повика на меѓународна истрага за катастрофата, пренесе BBC.

Коронавирус