среда, 14. април 2021. Вести денес: 136
home Вести

Просечен Европеец годишно фрла 11 килограми облека, најголем дел завршува на депонии

Просечен Европеец годишно фрла 11 килограми облека, најголем дел завршува на депонии

Просечен Европеец, и покрај зголемената еколошка свест, секоја година собира по 26 килограми текстил, додека 11 килограми фрла, а најголем дел од користената облека (87 отсто) завршува на депонии. Тоа се податоци на кои укажува Европскиот парламент.

Во третиот квартал оваа година Европската комисија треба да усвои Стратегија за оджлив текстил, која ќе го адресира проблемот на се поприсутниот текстилен отпад.

Текстилниот сектор е идентификуван како приоритетен во Европскиот зелен договор, Акцискиот план за циркуларна економија и Индустриската стратегија.

Комисијата сугерира дека ЕУ треба да се позанимава со структуралните слабости во врска со собирањето на текстилниот отпад, сортирање и рециклирање во земјите членки.

Целта на ЕК е да воспостави рамка која ќе ги креира условите и поттикнувањата, со цел да се охрабри компетитивноста, одржливоста и отпорноста на европскиот текстилен сектор.

Консултациите за стратегија за одржлив текстил започнаа во јануари, а новата рамка треба да поддржува одржливи инвестиции во производствениот процес, дизајнот, новите материјали и новите технологии што ќе помогне во борбата против микропластиката од облеката.

Во индустријата за текстил и облека, во која работат 1,5 милиони луѓе низ ЕУ, доминираат малите и средни претпријатија.

Дури 60 проценти од облеката во ЕУ не се произведува во земјите-членки.

Мал процент на користената облека се извезува, а најголемиот дел завршува на депонии.

На глобално ниво, помалку од еден процент од произведениот текстил се рециклира во нов текстил.  (МИА)

Коронавирус