петок, 4. декември 2020. Вести денес: 162
home Вести

Продолжуваат консултациите за излез од политичката криза во Словенија

Продолжуваат консултациите за излез од политичката криза во Словенија

Продолжуваат консултациите на парламентарните партии за тоа како да се излезе од политичката криза во Словенија, која настана по оставката на премиерот Марјан Шарец.

Како и минатите два дена, така и денеска кај претседателот Борут Пахор продолжија разговорите, овој пат со помалите партии со цел да се донесе одлука дали земјата ќе оди на предвремени парламентарни избори или ќе се формира ново парламентарно мнозинство, а со тоа и нова влада, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Попладнево кај Пахор беа лидерите на партиите Словенечка национална партија (СНС), Партија на Аленка Братушек (САБ), Словенечка демократска партија (СДС) и Демократска партија на пензионерите во Словенија (ДеСУС).

Маша Коципер од САБ по средбата со Пахор изјави дека тие се залагаат за формирање на преодна или техничка влада, која ќе има задача да го промени изборното законодавство. Дел од другите партии се за предвремени избори, а дел сакаат да почекаат и да видат дали е можно формирање на ново парламентарно мнозинство.

Што се однесува до двете најголеми партии тие веќе го кажаа својот став. Од Листа Маријан Шарец (ЛМШ) на доскорешниот премиер Шарец сметаат дека излез од политичката криза ќе донесат само предвремени избори, додека опозициската СДС на Јанез Јанша смета дека тие се во можност да направат нова коалиција и да обезбедат доволен број пратеници за составување нова влада.

За нови избори се изјаснија и од партијата Левица. (МИА)

Коронавирус