петок, 6. декември 2019. Вести денес: 92
home Вести

При крај е гласањето за нов лидер на британските конзервативци и иден премиер

При крај е гласањето за нов лидер на британските конзервативци и иден премиер

Членовите на британската владеачката Конзервативна партија имаат рок до денеска, до 17 часот по локално време, да ги испратат своите гласачки ливчиња врз основа на кои утре ќе се прогласи победникот во трката за нов лидер на партијата и иден британски премиер, меѓу двајцата кандидати Борис Џонсон и Џереми Хант.

Џонсон, поранешниот градоначалник на Лондон е фаворит во трката, сметаат американските медиуми.

Неколку членови на владата на Тереза Меј изјавија дека ќе поднесат оставки на функциите пред Џонсон да ги отпушти заради противењето на неговата намера Велика Британија да излезе од Европската Унија без договор.

Министерот за Европа и Америка и државен секретар во британското МНР Ален Данкан денеска поднесе оставка, соопшти Форин офисот.

Данкан, кој се смета за приврзаник на ЕУ, го обвини Борис Џонсон дека не го поддржа британскиот амбасадор во САД откако протекоа информациите со неговите оценки за администрацијата на Трамп, пренесоа британските медиуми.

И британскиот министер за финансии Филип Хамонд и неговиот колега од правосудството Дејвид Гок вчера најавија дека во среда ќе поднесат оставки доколку Џонсон го преземе кабинетот од Меј.