четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 2
home Вести

Прекинуваат летови поради новиот коронавирус

Прекинуваат летови поради новиот коронавирус

Американските авиокомпании „Делта ерлајнс“ и „Американ ерлајнс“, одлучија денеска привремено да ги прекинат сите летови од САД кон Кина.

„Последниот лет за Кина од САД ќе биде в понеделник, 3 февруари, а последниот од Кина на 5 февруари“, соопшти компанијата Делта Ерлајнс. Тие прекинуваат летови до 30 април. Американ ерлајнс прекинува со летови за Кина до 27 март.

Стејт департментот денеска издаде препорака до американските граѓани да не патуваат во Кина поради можна зараза со новиот тип на коронавирус.

Пекинг го осуди тој потег нагласувајќи дека „зборовите и делата на некои американски официјални лица не се втемелени на факти“.

Поради стравување за ширењре на новиот коронавирус, и други компании одлучија да ги суспендираат летовите кон Кина. Меѓу нив е и Ер Канада, Ер Франс кој од вчера прекина летови до 9 февруари. Бритиш ервејз од вчера прекина летови кон Кина за 30 денови додека финската Финер ги откажува сите летови од 6 до 29 февруари.

Полската компанија Лот ги прекина летовите до Пекинг до 9 февруари.

Германскиот „Луфтханза“ објави претходно оваа недела дека ги прекинува летовите од и кон Кина до 9 февруари.

Сите руски компании, со исклучок на националната компанија Аерофлот, ќе престанат да летаат привремено за Кина.

Израелските власти сооштија дека нема да дозволат слетување на авиони од Кина на нивните аеродроми.

Коронавирус