понеделник, 24. јануари 2022. Вести денес: 73
home Вести

Постои ли сојот делтакрон или тоа е лабораториска грешка?

Постои ли сојот делтакрон или тоа е лабораториска грешка?

Леонидос Кострикис, медицински експерт од Кипар, тврди дека пронашол нова варијанта на коронавирусот што ги комбинира карактеристиките на делта и омикрон – делтакрон. Сепак, малкумина се оние кои се согласуваат со неговото тврдење.

Кострикис и неговиот тим тврдат дека откриле нов вид на коронавирус кој ги комбинира карактеристиките на делта и омикронската варијанта. Тие, наводно, идентификувале дури 25 такви случаи, пишува Дојче веле.

Ова значи дека овој вид го комбинира омикрон, многу заразната и доминантна варијанта во многу земји, вклучително и Обединетото Кралство и САД, со делтата, која беше доминантна варијанта ширум светот во текот на летото.

Затоа, заразените пациенти се изложени на значително поголем ризик од хоспитализација од оние со алфа варијантата на вирусот.

Делтакрон, според Кострикис, има генетски потписи слични на омикрон во делта геномот, пишува Дојче Веле.

Оваа варијанта може да се рашири брзо како омикрон или да доведе до потешки случаи. Мешу научниците предизвика голема загриженост кога за првпат беше спомната.

Меѓутоа, многумина сега се сомневаат во вистинитоста на наодите на Кострикис.

Предизвикот дојде по тврдењето за контаминација

„Секвенците на кипарскиот делтакрон, објавени од неколку големи медиуми, изгледаат сосема јасно како контаминација“, напиша на Твитер во саботата Томас Пикок, научен соработник во лабораторијата Баркли на Империјал колеџ во Лондон, која се фокусира на истражување на коронавирусот.

Во друг твит, тој додаде дека „ова навистина не е поврзано со квалитетот на лабораторијата или нешто слично и дека тоа се случува во секоја лабораторија за секвенционирање од време на време“.

Откако беше оспорен од експертите, Кострикис ги бранеше своите наоди за американската финансиска телевизија Блумберг Њуз.

-Идентификуваните случаи укажуваат на еволутивен притисок врз сојот, што ме наведе да заклучам дека има комбинација од делта и омикрон, рече тој, додавајќи дека комбинацијата не е резултат на еден настан – како што е лабораториска контаминација на примероци .

Кострикис објасни дека примероците што ги анализирал биле обработени во повеќе процедури за генетско секвенционирање во неколку земји.

Делтакрон „сигурно“ не е комбинација од двете варијанти

Од друга страна, експертите посочуваат дека мутациите слични на омикронот во делта геномот лежат во еден дел од генетската низа – дел за кој се знае дека е погоден од тешкотии во одредени процедури за секвенционирање.

Џефри Барет, директор на Иницијативата за геномика на коронавирус во Институтот Велком Сангер, со седиште во Велика Британија, укажува на истражувањето спроведено од неговиот институт на оваа тема, што го наведува да верува дека наводната варијанта на делтакрон „секако не е биолошки рекомбинант на лозите делта и омикрон“.

-Значи, дали можеме едноставно да ги игнорираме откритијата на Кипар, да здивнеме и да продолжиме? Рано е за тоа, вели Тимо Волф, доктор и раководител на одделот за високопатогени болести во Универзитетската болница во Франкфурт.

Тој додаде дека, во секој случај, податоците што ги користи Кострикис треба да бидат темелно разгледани.

-За да бидеме целосно сигурни, ќе мора да почекаме уште неколку недели, заклучи Волф.

Коронавирус