четврток, 22. октомври 2020. Вести денес: 0
home Вести

Поради пандемијата градоначалникот на Лондон си ја намали платата

Поради пандемијата градоначалникот на Лондон си ја намали платата

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан денеска изјави дека ја намалил својата плата за 10 отсто поради пандемијата со Ковид-19 и ја повика британската Влада да ги поддржи локалните власти за да се избегне намалување на јавните услуги.

Кан, чија годишна плата изнесува 152.734 фунти (170.000 евра), исто така „ги замрзна“ платите на својот 15-член тим.

– Ковид-19 имаше разорно влијание врз јавните финансии на Лондон, кои беа блескави пред пандемијата, посочи Кан.

Приходите на лондонскиот транспортен оператор (ТфЛ) за време на пандемијата се намалија за повеќе од 90 отсто, а приходите од даноците, исто така забележаа пад откако голем број домаќинства и фирми не се во состојба да ги плаќаат.

Кан предупреди дека без владина поддршка ќе биде неопходно намалување на буџетите на полицијата, пожарникарите и јавниот превоз.

– Ова е најлош момент за враќање на мерките за штедење, сега кога мораме да вложуваме во заздравувањето на Лондон, посочи Кан, додавајќи дека сите локални самоуправи во Велика Британија се соочуваат со истите финансиски предизвици.

Локалните избори во Велика Британија требаше да се одржат во мај, но поради пандемијата ќе се одржат следната година.

Коронавирус