петок, 15. јануари 2021. Вести денес: 111
home Вести

Полскиот омбудсман Адам Боднар добитник на наградата Рафто

Полскиот омбудсман Адам Боднар добитник на наградата Рафто

Норвешката фондација „Рафто“ годинава наградата Рафто за заштита на човековите права им ја додели на полскиот јавен правобранител Адам Боднар и на Јавното правобранителство на Полска.

– Адам Боднар се истакна како заштитник на демократијата, на малцинствата и на фундаменталните права, се наведува во образложението на наградата на Фондацијата „Рафто“.

Во текстот се посочува дека откако Право и правда (ПиС) победи на полските парламентарни избори во октомври 2015 година, „партијата го користи своето мнозинство во Парламентот за да носи закони кои ја ограничуваат независноста на судовите и ја зајакнуваат централната власт“.

– Новите закони и овозможуваат на Владата контрола над јавните медиуми и воведуваат строги ограничувања на слободата на новинарството и на политичкото лобирање, се истакнува во образложението.

Фондацијата нагласува дека во такви услови 41-годишниот Боднар се истакнал како главен заштитник на демократските вредности и на правата на ранливите групи во Полска.

Боднар, кој е полски омбудсман од септември 2015 година, како носител на јавна функција не може да ја прими паричната награда од 20.000 долари, па реши средствата да и ги префрли на една полска организација за заштита на човековите права.

Фондацијата за човекови права „Рафто“ е формирана во 1986 година во сеќавање на норвешкиот професор по економска историја и активист за заштита на човековите права Торолф Рафто. Главни цели на Фондацијата се промоција на слободата на политичкото изразување и за таа цел спроведува различни образовни и информативни проекти.

Фондацијата, чие седиште е во норвешкиот град Берген, секоја година доделува награда на поединци или институции за нивниот придонес за заштита на човековите права и демократијата.

Коронавирус