Полицаец од Ново Мексико поднесе оставка откако е снимен како употребува прекумерна сила при совладувањето на 11-годишно девојче, која од училишната кантина наводно земала премногу млеко.
Од полициската станица Фармингтон во неделата соопштија дека полицаецот Закари Кристенсен се повлекол од должност откако е покрената интерна истрага за прекумерна употреба на сила за време на инцидентот што се случил на 27 август во училиштето Меса вју.
На снимката од камерата, која е дел од стандардната опрема на полициските службеници, се гледа како полицаецот по вербална расправија меѓу девојчето и директорот насилно ѝ го зема ранецот и набрзо ја фрла на под за да ѝ стави лисици на рацете, пренесува Дејли Меил.
Началникот на полициската станица Фармингтон Стивен Хеб, изјави дека однесувањето на службеникот не е во согласност со стандардите на одделот и истакна дека „нема оправдување за овој вид однесување“.
Кристенсен, наводно, рекол дека се обидел да ја уапси девојката затоа што отишла директно во кантината, зела повеќе млеко отколку што ѝ требало и го фрлила млекото на подот.
Неидентификуваната ученичка се здобила со потрес на мозокот и повреди на рацете и на рамената.
„Не можеш да го навредуваш директорот. Доста ми е од ова. Готова си“, се слуша како вели Кристенсен на видеоснимката. Потоа, 11-годишната девојка ја фрла на под, и таа плаче и вели дека ја боли.
Адвокат на семејството на девојчето изјави за Кеј-ар-кју-и њуз 13 дека има намера да преземе правни мерки во врска со инцидентот.