петок, 4. декември 2020. Вести денес: 22
home Вести

Пол Манафорт негира дека се сретнал со Џулијан Асанж

Пол Манафорт негира дека се сретнал со Џулијан Асанж

– Поранешниот шеф на предизборната кампања на Доналд Трамп, Пол Манафорт категорично негира дека се сретнал со основачот на Викиликс Џулијан  Асанж, како што тврди британскиот весник „Гардијан“.

– Приказната е сосема неточна и тоа е намерна клевета. Никогаш не сум се сретнал со Џулијан Асанж или кој било поврзан со него, рече Манафорт преку свој портпарол.

– Ги разгледуваме сите правни опции против „Гардијан“ кој ја објави таа сторија, иако мои претставници го информираа дека тоа не е точно, рече Манафорт.

И адвокатот на Асанж од Еквадор, Карлос Поведа, ги негираше наводите на „Гардијан“, а Викиликс на Твитер соопшти дека е „подготвен да се обложи со Гардијан и неговиот главен уредник во милион долари дека Манафорт никогаш не се сретнал со Асанж“.

Британскиот весник „Гардијан“ објави дека поранешниот менаџер на кампањата на Трамп, Пол Манафорт  тајно се сретнал со Асанж во Амбасадата на Еквадор во Лондон, само неколку дена или недели откако се приклучил на кампањата на Трамп.

Повикувајќи се на два анонимни извори, весникот објави дека Манафорт првпат се сретнал со Асанж во Амбасадата на Еквадор во Лондон во 2013 година, една година откако Асанж таму доби азил за да избегне екстрадиција во Шведска поради обвинение за силување.

„Гардијан“ наведува дека Манафорт се вратил во Амбасадата во 2015 и 2016 година.

Весникот исто така тврди дека последната посета на Манафорт била во март 2016 година, но не е регистрирана во книгата на Амбасадата. Според неименуваниот извор на весникот, посетата траела околу 40 минути.

Кампањата на Трамп соопшти дека го вработила Манафорт на 29 март 2016 година.

МИА

Коронавирус