недела, 23. јануари 2022. Вести денес: 73
home Вести

Почина поранешниот американски сенатор Боб Дол

Почина поранешниот американски сенатор Боб Дол

Поранешниот американски сенатор, истакната личност во американската политика и претседателски кандидат Боб Дол почина утрово на 99-годишна возраст, соопшти Фондацијата Елизабет Дол.

Фондацијата, која го носи името на неговата сопруга, во порака на Твитер напиша дека Дол починал во сон рано утринава.

-Тој верно им служеше на САД 79 години, соопшти фондацијата.

Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс напиша дека сенаторот Боб Дол бил голем човек кој живеел извонреден живот во служба на Америка и оти оставил длабока трага на сите оние кои ја имале привилегијата да го познаваат.

Боб Дол трипати учествуваше во трката за републикански претседателски кандидат. Тој загуби од Роналд Реган во 1980 година, потоа од Џорџ Буш во 1988 година и на крајот доби номинација во 1996 година, но изборите ги изгуби од демократскиот кандидат Бил Клинтон.

Дол се врати крунисан со медали, но тешко ранет, од Втората светска војна и повторно научи да оди и да владее со телото, освен со десната рака.

Тој беше избран во американскиот Конгрес во 1961 година, прво во Претставничкиот дом, а подоцна и како сенатор на државата Канзас.

Тој беше оженет со Елизабет Дол, која и самата имаше блескава политичка кариера и беше министерка за транспорт и труд и сенаторка на Северна Каролина.

Коронавирус