недела, 16. декември 2018. Вести денес: 50
home Вести

По Самитот на НАТО, Трамп во посета на Лондон

По Самитот на НАТО, Трамп во посета на Лондон

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска по завршувањето на Самитот на НАТО, ќе отпатува во прва официјална посета на Велика Британија, каде ќе се сретне со премиерката Тереза Меј и со кралицата Елизабета Втора.

Фокус на разговорите ќе бидат трговските односи со Лондон, кој сака да потпише договор за слободна трговија со Вашингтон по излегувањето од ЕУ во март 2019 година. Велика Британија е дел од европската турнеја на американскиот претседател, која ќе заврши в понеделник со историска билатерална средба со рускиот претседател Владимир Путин во Хелсинки.

– Не постои посилен сојуз од нашите специјални односи со САД, и нема да има поважен сојуз во годините што доаѓаат, рече Мај и покрај серијата тензии во билатералните односи, откако Трамп дојде на власт.

Американскиот амбасадор во Лондон, Вуди Џонсон увери дека Трамп сака да „склучи билатерален договор” и тоа „брзо”.

Трамп во Лондон ќе пристигне попладнево. Тој и неговата сопруга Меланија ќе присуствуваат на вечера во палатата Бленхем, импресивна резиденција во близина на Оксфорд, каде што е роден Винстон Черчил. Меѓу поканетите гости се многу претставници на економскиот свет.

МИА