вторник, 20. октомври 2020. Вести денес: 0
home Вести

По пет месеци затворените грчки војници во Турција се вратија дома (Фото)

По пет месеци затворените грчки војници во Турција се вратија дома (Фото)

По пет месеци минати во затвор во Турција, двајцата грчки војници кои во март залутаа на турска територија, минатата ноќ се вратија во Грција со владин авион.

Како што јави грчката државна телевизија ЕРТ, авионот со војниците слета на аеродромот во Солун во 3.30 часот по локално време (2.30 часот по средно европско време), каде беа пречекани од грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Грција, почесна гарда и нивните родители. Целиот настан беше директно пренесуван на ЕРТ.

По пристигнувањето на војниците, Каменос најави дека ќе му се јави на неговиот турски колега за да изрази задоволство од одлуката на Турција за нивно ослободување и дека ќе го покани да ја посети Грција.

– Се надевам дека нивното ослободување ќе отвори ново поглавје во грчко-турските односи. Можеме да живееме во мир за доброто на нашите два народи, изјави Каменос.

Војниците беа уапсени на 1 март годинава, кога за време на патрола долж грчко-турската граница во реонот на реката Марица, во услови на густа магла, залутаа и преминаа на територија на Турција.

Турските валсти ги обвинија за шпионажа и досега ги одбиваа барањата на Грција за нивното ослободување. Апсењето на двајцата војници предизвика дополнителни тензии и во онака напнатите грчко-турски односи.

Каменос во неколку наврати ги обвинуваше властите во Анкара дека војниците ги држат како заложници, со цел да издејствуваат нивна замена за турските осмутемина турски офицери кои по неуспешниот обид за пуч во Турција во јули 2016 година избегаа во Грција.

Атина одбива да ги екстрадира осумте офицери во Турција со образложение дека се сомнева оти тие ќе имаат правичен судски процес и дека нивните животи би биле во опасност.

Проблемот со двајцата уапсени грчки војници во Турција беше предмет на разговори и на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган со првите луѓе на Европскиот совет и Европската комисија, Доналд Туск и Жан-Клод Јункер.

По ослободувањето на војниците Јункер со објава на Твитер изрази задоволство од одлуката на Турција.

– Турција нема зошто да се плаши од европските соседи. ЕУ ќе продолжи со своите стратешки односи со Турција, која се надевам ќе ја видиме како демократска, стабилна и просперитетна земја, наведе Јункер.

Коронавирус