четврток, 4. март 2021. Вести денес: 180
home Вести

Песков: Притворот за Навални е внатрешно прашање на Русија

Песков: Притворот за Навални е внатрешно прашање на Русија

Притворот за рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е внатрешно прашање на Русија, па затоа Москва нема да слуша никакви странски изјави или реакции на ова прашање, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ги бројните повици од западноевропските земји за итно ослободување на Навални.

Песков истакна дека во случајот со Навални, станува збор за руски државјанин кој го прекршил законот.

-Слушнавме за изјавите од странски земји, но во овој случај нема да ги земеме предвид, бидејќи тоа е апсолутно внатрешно прашање на една земја, ниту, пак, планираме да ги коментираме. Ние и натаму сакаме добри односи со сите, независно од случајот на еден граѓанин, рече Песков, пренесе Тасс.

Песков истакна дека сослушувањето на Навални не бараше посебно внимание од рускиот претседател Владимир Путин.

-Оваа ситуација не бара присуство на претседателот. Правата на сите руски граѓани се загарантирани со закон, и ние ќе пристапиме кон овој случај како и кон секој друг, заклучи Песков.

Навални во неделата вечерта беше уапсен во Москва по враќањето од Берлин затоа што, според руските власти, ги прекршил условите на затворската казна, која му била суспендирана затоа што во Берлин се лекуваше од труење со нервниот агенс „Новичок”.

Навални го обвини Кремљ дека стои зад нападот, но високи руски претставници го негираа тоа, а опозиционерот вчера се појави на судското рочиште во Химки, предградие на Москва. (МИА)

Коронавирус