понеделник, 18. октомври 2021. Вести денес: 122
home Вести

Партијата на Курц и официјално убедлив победник на изборите во Австрија

Партијата на Курц и официјално убедлив победник на изборите во Австрија

Народна партија на Австрија (ОВП) на Себастијан Курц е убедлив победник на предвремените парламентарни избори на кои, според официјалните резултати објавени денеска, освои 37,46 отсто од гласовите.

Гласовите пратени по пошта, кои беа последни преброени, минимално го променија исходот од гласањето кој беше објавен на денот на изборите.

ОВП го „поправи“ резултатот од изборите во 2017 година за 5,99 отсто, а воедно оствари и најголема разлика во историјата на Австрија меѓу првопласираната и второпласираната партија.

По пребројувањето на гласовите пристигнати по пошта, Министерството за внатрешни работи го соопшти конечниот резултат од изборите на кои излезноста изнесувала 75,6 проценти.

Покрај ОВП, победник на овие избори е и партијата на Зелените која не само што се врати во Парламентот, туку оствари и најдобар резултат во историјата на партијата со 13,90 отсто од гласовите, за десет проценти повеќе од 2017 година.

Иако е второпласирана, Социјалдемократска партија (СПО) е еден од губитниците затоа што освои 21,18 отсто од гласовите, што значи дека во однос на минатите избори ја загубила довербата на 5,68 отсто од претходните гласачи.

Најголем губитник е Слободарската партија (ФПО) која поради бројните афери падна на 16,17 отсто, односно загуби речиси десет отсто од своите гласачи.

Во Парламентот влезе и партијата Неос, која освои 8,10 отсто од гласовите, односно за 2,80 отсто повеќе од 2017 година.

Во однос на пратеничките мандати, ОВП освои 71 од вкупно 183, СПО 40, ФПО 31, Зелените 26 и Неос 15.

Ваквата распределба на пратенички места отвора разни можности за коалиции.

Локални избори 2021