среда, 19. февруари 2020. Вести денес: 3
home Вести

Парламентарни избори во Канада

Парламентарни избори во Канада

Граѓаните на Канада денеска ќе гласаат за новиот состав на Парламентот. Тоа се 43. парламентарни избори на кои двете ривалски партии се во „мртва трка“, а премиерот Џастин Трудо се бори да освои втор мандат.

Според анкетата на „Нанос рисрч“ за конзервативците се изјасниле 33 проценти од испитаниците, додека либералите имаат поддршка од 32 отсто. Тоа значи дека ниту Либералната партија на Канада на Трудо ниту опозициската Конзервативната партија на Канада на Ендру Шир можат да освојат мнозинство од 338 пратеници, па ќе мора да состават малцинска влада.

Трудо пред четири години беше избран со 40 проценти од гласовите и имаше солидно мнозинство од 184 пратеници. Предизборната кампања на Трудо беше насочена кон заштита на животната средина, малцинствата и средната класа.

Во центарот на предизборната кампања на лидерот на конзервативците Шир беше програмата за „враќање на парите во џебовите на Канаѓаните“ преку намалување на даноците.

Трите телевизиски дебати не им помогнаа на двете големи партии дополнително да привлечат симпатизери, но забележан е раст на рејтингот на малите партии.

Во случај на малцинска влада, клучна улога би имала Новата демократска партија на Џагмит Синг, кој е Сик. И лидерот на Блокот на Квебек, Ив-Францис Бланшет, кој кандидраше членови само во Квебек, би можел да им украде гласови на либералите и конзервативците.