петок, 14. мај 2021. Вести денес: 152
home Вести

Папата Франциск: Немаме време за губење, светот е на пат кон самоуништување

Папата Франциск: Немаме време за губење, светот е на пат кон самоуништување

Папата Франциск денеска предупреди дека светот е „на пат кон самоуништување“ доколку политичките лидери не успеат храбро да ја искористат пандемијата на Ковид-19 како шанса да ја направат планетата Земја поправедно и позелено место.

Од неговиот избор во 2013 година, папата повеќе пати зборувал за потребата од заштита на животната средина, а денеска објави две видео пораки, едната по повод Денот на планетата Земја, а другата за самитот за климатски промени, чиј домаќин е американскиот претседател Џо Бајден.

Во видео пораката објавена за Светскиот ден на планетата Земја, папата Франциск истакна дека политичките лидери имаат можност подобро да излезат од оваа ситуација по научените поуки за социјалните неправди откриени за време на пандемијата на коронавирусот.

– И глобалните катастрофи, ковидот и климата, покажуваат дека немаме време за губење. Времето не притиска и, како што покажа коронавирусот, ние имаме средства да одговориме на предизвикот. Имаме средства. Време е за споделување, ние сме на граница, нагласи поглаварот на Римокатоличката црква.

Тој додаде дека неволјите со кои се соочи човештвото во пандемијата треба да ги охрабрат лидерите да тежнеат кон иновации и пронајдоци со цел подобро да ја заштитат планетата.

Папата апелираше до „сите лидери во светот да се однесуваат храбро, да постапуваат чесно и секогаш да им ја кажуваат вистината на луѓето, за да можат луѓето да знаат како да се заштитат од уништување на планетата и како да ја заштитат планетата од уништување кое многупати сме го иницирале“.

Настанот, кој треба да ги врати САД на позицијата светски лидер во борбата против климатските промени откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп се повлече од Парискиот климатски договор, папата Франциск го оцени како „прекрасен“. Тој го критикуваше Трамп поради повлекувањето и ја поздрави одлуката на Вашингтон и сегашната администрација на Бајден да се вратат во договорот.(МИА)

Коронавирус