сабота, 27. февруари 2021. Вести денес: 91
home Вести

Ова се првите потези на Џо Бајден

Ова се првите потези на Џо Бајден

Се стопира изградбата на ѕидот на границата со Мексико, САД се враќа во Парискиот климатски договор, и СЗО, а со тоа ќе стане дел и од КОВАКС механизмот, 46-тиот американски претседател Џо Бајден седна на претседателската фотелја – го дочекаа десетици декрети на кои го стави својот потпис.

Откако по 5 часа се стави личниот печат на семејството Бајден во Белата куќа, сега е време да се менува политиката на САД, нема време за губење кога треба да се бориме против кризите со кои се соочуваме, им порача Бајден на своите сограѓани.

Откако го прочита традиционланото писмо што му го остави неговиот претходник, Бајден по неколку часа на функцијата ги потпиша првите 17 декрети, а во текот на денот се очекува да бидат потпишани и неколку нови извршни наредби поврзани со борбата против Ковид-19.

– Влегуваме во нешто што може да биде најтешкиот и најсмртоносен период на вирусот и мора да ја оставиме политиката настрана, конечно соочувајќи се со пандемијата како единствена нација. – изјави Џо Бајден претседател на САД.

Трамп во 2018 година донесе одлука за излегување на САД од Париската спогодба за клима, а минатата година и од СЗО. Американците сметаат дека Бајден како нов претседател ќе може да најде компромис и со републиканците за да се активираат итни програми за справување со ковид пандемијата.

46-тиот американски претседател е човек со над 50 годишно политичко искуство. Како парламентарец е познат по барање компромиси со политичките противници, а како потпретседател со Барак Обама осум години од прва рака ги искусуваше предизвиците кои ги носи претседателската функција. Сега тимот на Бајден главно се состои од искусни професионалци.

Демократите ја презедоа контролата и во Сенатот на САД, кој пак, според информациите од Белата куќа треба да донесе одлука за тоа како да продолжи судењето на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Демократот Бајден положи заклетва како 46-ти претседател на САД вчера, една недела откако Долниот дом на Конгресот гласаше за второто отповикување на Трамп, обвинувајќи го за поттикнување бунт и смртоносен напад на Капитол на 6 јануари.

Коронавирус