вторник, 18. јануари 2022. Вести денес: 77
home Вести

Остар пад на цените на нафтата поради појавата на новиот сој на коронавирусот

Остар пад на цените на нафтата поради појавата на новиот сој на коронавирусот

Цените на нафтата на светските берзи паднаа и минатата недела, петта недела по ред, бидејќи трговците стравуваат дека новиот сој на коронавирусот може да предизвика повторно затворање на економиите, а со тоа и пад на побарувачката на нафта
Цената на барел на лондонската берза минатата недела падна за околу 8 отсто, на 72,72 долари, додека на американската за 10,4 отсто, односно на 68,15 долари.

Ова е петта недела по ред како цените паѓаат, што не е забележано од март минатата година, а е резултат на остриот пад во петокот по веста за појава на нова варијанта на коронавирусот, наречена омикрон.

Само во петокот цените на барелот „потонаа“ за повеќе од 11 отсто, што е нивен најголем дневен пад од април минатата година и паднаа на најниските нивоа по повеќе од два месеца.

До петокот се чинеше дека цените на нафтата ја прекинаа четиринеделната негативна серија, но повторно паднаа за повеќе од 10 долари бидејќи пазарот беше потресен од веста дека е идентификувана нова варијанта на коронавирусот со голем број мутации во Јужна Африка.

Се стравува дека сојот омикрон би можел да биде отпорен на вакцини и позаразен од претходните варијанти на вируси.

Како резултат на тоа, многу земји, вклучително ЕУ, Обединетото Кралство, САД и Бразил, најавија построги контроли на патувањата од шест јужноафрикански земји.

Ова ги вознемири инвеститорите кои веќе беа загрижени поради брзото ширење на коронавирусот во Европа и повторното заклучување во некои земји, како Австрија.

Сето ова може да го забави закрепнувањето на економиите од корона-кризата и да предизвика пад на побарувачката на нафта.

Пред петокот, трговците ги фокусираа своите напори на големите потрошувачи на нафта за да спречат понатамошни зголемувања на цените на „црното злато“.

САД одлучија да продаваат нафта од резервите во координација со Јапонија, Јужна Кореја, Кина, Индија и Велика Британија.

Кина, пак, соопшти дека веќе подготвува ново надавање за нафта од стратегиските резерви, по она во септември.

Ослободувањето нафта од резервите најверојатно ќе резултира со значително поголема понуда во следните месеци, изјави извор во ОПЕК врз основа на анализа на експерти.

Во таква ситуација е тешко да се предвиди исходот од состанокот на ОПЕК и другите на почетокот на декември, на кој треба да се разговара за можно приспособување на планот за зголемување на производството во јануари и следните месеци за 400 илјади барели дневно, објави Ројтерс.

Коронавирус