недела, 21. јули 2019. Вести денес: 44
home Вести

Оштетени речиси 60 отсто од автоматските радари за мерење брзина во Франција

Оштетени речиси 60 отсто од автоматските радари за мерење брзина во Франција

Речиси 60 отсто од автоматските радари, што се поставени на француските патишта за мерење на пребрзото возење, се оштетени од почетокот на протестите на движењето на „жолтите елеци“, соопшти денеска францускиот министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер.

– Речиси 60 отсто од радарите се онеспособени, оштетени или уништени од оние кои тврдат дека се припадници на ова движење, изјави Кастанер, откако ги искажа своите новогодишни желби до жандармеријата во Париз.

Како што јави дописникот на МИА, во Франција во рамките на политиката за зголемување на безбедноста на сообраќајот се поставени околу 3.200 камери кои автоматски ја мерат брзината на движење на возилата.

– На социјални мрежи видов некои будали кои се сликаат покрај изгорени радари. Не сакам тие еден ден да бидат соочени со реалноста на смрт на патиштата, изјави министерот. – Нема политика на бројки, постои политика на живот, додаде тој, нарекувајќи ги оние кои ги уништуваат и оштетуваат радарите „будали, несвесни и неконзистентни“.

Досега властите одбија да дадат прецизна бројка за оштетувањата на радарите и да го поврзат тоа со протестното движење на „жолтите елеци“, што започнаа на 17 ноември.

Радарите уште од летните месеци беа изложени на зголемениот бес на возачите и мотоциклистите, кои се противат на мерката за намалување на дозволената брзина на возење од 90 до 80 километри на час на двонасочните патишта, што стапи во сила на 1 јули.

Противниците на намалувањето на дозволената брзина на патиштата, која заедно со зголемувањето на даноците за горивото беа иницијална каписла за протестите на „жолтите елеци“, сметаат дека радарите го отелотворуваат „рекетот” на државата за возачите, термин што го носат некои „жолти елеци”, кои протестираат против зголемувањето на цените на горивото и даноците воопшто.

За оштетување на радар, казните можат да достигнат и до 30.000 евра и две години затвор. Уништувањето се казнува со парична казна од 75.000 евра и пет години затвор. Во 2017 година, автоматските радари на француската држава и донесоа 1,01 милијарди евра приход.

МИА