среда, 24. јули 2019. Вести денес: 55
home Вести

ОН тврдат дека имаат доказ: Принцот Мухамед е вмешан во убиството на новинарот Кашоги

ОН тврдат дека имаат доказ: Принцот Мухамед е вмешан во убиството на новинарот Кашоги

Мохамед бин Салман треба да биде испитуван поради убиството на новинарот, се вели во извештајот.

Принцот-престолонаследник на Саудиска Арабија треба да биде испитуван поради убиството на дисидентскиот новинар Џамал Кашоги, бидејќи има „веродостојни докази“ дека тој и другите високи функционери се одговорни за неговото убиство, вели форензичкиот извештај на ООН објавен денеска.

Во анализа на 100 страници полна со критики за тоа што се случило со Кашоги во октомври минатата година, специјалната известувачка на ОН, Агнес Каламар, вели дека смртта на новинарот е „меѓународно злосторство“.

„Заклучокот на специјалниот известувач е дека г. Кашоги е жртва на намерно, умислено погубување, екстрајудицијално убиство за кое државата Саудиска Арабија е одговорна според меѓународниот закон за човекови права“, рече таа.

Користејќи записи од разговори што се одвивале во конзулатот во Истанбул, каде што Кашоги беше убиен, нејзиниот извештај ги анализира неговите последни моменти и како тој бил нападнат од саудиски функционери, од кои еден рекол: „Доаѓаме по тебе“.

Кога Кашоги одбил да соработува, се слуша борба, како и тешко дишење. Извештајот на специјалниот известувач заклучува: „Процените од снимките од разузнавачите во Турција и од други земји укажуваат на тоа дека на г. Кашоги можеби му бил инјектиран седатив, а потоа бил задушен со пластична кеса“.

Наодите ќе го зголемат притисокот врз принцот Мохамед бин Салман да објасни што знае за убиството на Кашоги. Царството претходно ова го опиша како одметничка операција за која наследникот на тронот не знаел ништо.

Специјалната известувачка не мисли така, вели Гардијан. Нејзините главни наоди се:

• Постојат веродостојни докази, кои бараат понатамошна истрага за индивидуалната одговорност на високи саудиски службеници, вклучувајќи го и престолонаследникот.

• Смртта на Кашоги била екстрајудицијално убиство. Обидот за негово киднапирање би претставувал повреда според меѓународниот закон за човекови права… и може да претставува чин на тортура според условите на Конвенцијата против тортура.

• Истрагите спроведени од Саудиска Арабија и од Турција не успеаја да ги исполнат меѓународните стандарди во врска со истрагата за незаконско убивање.

• Саудиската истрага за убиството не била чесно спроведена и може да претставува попречување на правдата.

• Барање дека судењето на 11-те осомничени во Саудиска Арабија ќе биде прекинато поради загриженост за тајноста во текот на постапката и недостигот од кредибилитет.

• Убиството на Кашоги ја истакнува ранливоста на дисидентите што живеат во странство и ризиците со кои се соочуваат од тајните активности на властите на нивните земји на потекло или недржавните актери поврзани со нив.

Во извештајот се вели: „Околу осум месеци по погубувањето на г. Кашоги, решеноста и означувањето индивидуални одговорности остануваат обвиени во тајност и недостигаат соодветни постапки“.

„До денес саудиската држава не ја има јавно признаено својата одговорност за убиството на г. Кашоги и не му се извини на семејството на г. Кашоги, пријателите и колегите за неговата смрт и за начинот на кој тој беше убиен.

Специјалниот известувач доби информации дека на децата на г. Џамал Кашоги им се понудени пари, но прашање е дали тие пари се надомест според меѓународниот закон за човекови права“.

Кашоги (59) беше убиен кога влезе во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври минатата година. Еден од најважните новинарски гласови во регионот, тој сметаше дека новинарството во и за регионот е од витално значење, пишува специјалниот известувач.

Во извештајот се опишува дека тој имал закажано средба во конзулатот, за да ги добие потребните документи за брак со својата свршеница, Хатиџе Ченгиз.

Саудиска Арабија се обидуваше да го натера да се врати од САД, каде што работеше како новинар на Вашингтон пост, но тој се плашеше за својата безбедност.

Докази во извештајот се снимки од разговорите во конзулатот во деновите пред неговата смрт, кои покажуваат како тим од саудиски официјални лица одлетале од Ријад до Истанбул за да го убијат, вели Гардијан.

Во една од снимките од конзулатот на 1 октомври се слуша човек како вели: „Утре доаѓа комисија од Саудиска Арабија. Тие имаат некоја работа во конзулатот… Нивната работа внатре во конзулатот ќе потрае два-три дена.“