вторник, 21. септември 2021. Вести денес: 0
home Вести

ОН ги повикаа завојуваните страни во Авганистан да ги заштитат цивилите

ОН ги повикаа завојуваните страни во Авганистан да ги заштитат цивилите

Обединетите нации денеска ги повикаа завојуваните страни во Авганистан да направат повеќе за заштитата на цивилите, предупредувајќи дека, доколку не го сторат тоа, последиците ќе бидат „катастрофални“, јави ДПА.

Копнената офанзива на талибанците и воздушните напади на авганистанските сили предизвикуваат најголема штета, забележа мисијата на Обединетите нации за помош во Авганистан (УНАМА) во серија твитови.

Талибанците ги засилија своите напади низ целата земја откако меѓународните сили во Авганистан го почнаа своето повлекување, здобивајќи се со значителни територијални придобивки, особено во руралните области, додаде германската агенција.

Илјадници лица се раселени, а населението живее во страв.

Неколку главни градови на провинциите се опколени од милитантите, а тешки борби веќе со денови се водат во главните градови на јужните провинции Хелманд и Кандахар, како и во западниот дел на градот Херат, на запад од земјата.

Болнички извор во Херат за ДПА изјавија дека во изминатите шестд ена примиле 24 тела и речиси 200 ранети лица. Меѓу жртвите има и припадници на безбедносните сили.

Друг извор од здравството на Кандахар соопшти дека во покраината во изминатите 10 дена се регистрирани 28 смртни случаи и 191 повредени лица.

Генерално, во последните три дена во две болници во градот Лашкаргах, во Хелманд, примени биле 38 починати и 156 повредени лица.

Во меѓувреме, поранешен американски воен преведувач е убиен во градот Џалалабад, во источната провинција Нангархар, потврдија официјални лица. Човекот, кој служел како советник во провинцискиот совет Нангархар, вчера бил застрелан пред неговата куќа од двајца неидентификувани напаѓачи.

ОН во мај и јуни документираше рекордно ниво на ранети и убиени цивили и предупреди дека земјата е на пат оваа година да биде сведок на досега најголемиот број документирани цивилни жртви во една година, пренесе ДПА.

Коронавирус