среда, 24. април 2019. Вести денес: 43
home Вести

ОН бараат од Белгија да се извини за колонијалното минато

ОН бараат од Белгија да се извини за колонијалното минато

Експертска група на Обединетите Нации смета дека Белгија треба да им се извини на Африканците за колонијалните злосторства.

Експертската група на ОН за лица со африканско потекло помина една недела во Белгија и оствари средби со невладини организации и претставници на белгиските власти. Заклучокот од студијата е дека во Белгија постои молк за колонијалното минато и дека земјата треба да се соочи со него.

– Си чини дека има ѕид на молк околу колонизацијата. За да може да има вистинско помирување и процесот на деколонизација да продолжи, сметаме дека извинување од страна на белгиската држава би бил прв чекор, изјави членот на експертската група на ОН, Ахмед Реид.

Претседателот на експертската група, Михал Балцежак бара од властите на Белгија да усвојат и национален акциски план за борба против расизмот.

– Пронајдовме јасни докази дека расната дискриминација е ендемска во институциите во Белгија. Лицата со африканско потекло се соочуваат со дискриминација во однос на економските, социјалните и културните права, посочи групата на крајот на својата посета вчера.

Експертите сметаат дека земјата треба да ги ревидира и учебниците за да бидат вклучени злосторствата и трагедиите од колонијалната ера на историски егзактен начин.

Една од најмрачните епизоди во колонијалното минато на Белгија е улогата на кралот Леополд Втори во Конго, тема со која ниту учебниците, ниту општеството се соочуваат целосно. Споменици и улици сѐ уште го носат името на овој контроверзен крал, за кого бројни историски истражувања покажуваат дека владеел на исклучително суров начин со народот во Конго.

ОН го критикува и фактот дека Белгија не води етнички статистики што оневозможува да се утврди дали политиките за борба против расизмот вродуваат со плод и ги прави лицата со африканско потекло невидливи за институциите. Експертите предупредуваат и дека се „длабоко загрижени“ што потомците на Африканците во Белгија не се доволно застапени во институциите, во судовите, полицијата, политиката и владата и дека не е констатиран напредок во овој поглед во последните 14 години.

Друга забелешка, која тешко поминува во белгиското општество, се однесува на стриповите „Тинтин“, и посебно стрипот „Тинтин во Конго“, за кој бројни организации и потомци на африканската дијаспора одамна бараат да се отвори дебата. Стриповите „Тинтин“ во Белгија се сметаат за едно од најголемите национални богатства. Овој стрип од почетокот на дваесеттиот век, меѓутоа, е полн со стереотипи од времето на колонизацијата.