четврток, 19. септември 2019. Вести денес: 21
home Вести

Околу седум милиони Кубанци го одобрија новиот Устав на земјата

Околу седум милиони Кубанци го одобрија новиот Устав на земјата

Речиси 87 проценти од избирачите го поддржаа новиот Устав на Куба на референдумот кој беше одржан во неделата.

Светските агенции коментираат дека тоа е релативно низок процент за земја во која официјалните предлози вообичаено ги одобруваат повеќе од 90 отсто од избирачите.

Директорите на кубанската Национална изборна комисија соопштија дека на референдумот гласале 7.848.343 граѓани, а 6.816.169 лица гласале за новиот устав.

Уставот кој моментално е во сила, на референдумот во 1976 година доби поддршка од 97,7 отсто од избирачите.

Предложените измени во новиот Устав го одразуваат постепеното отворање на Куба од падот на нејзиниот некогашен главен сојузник, Советскиот Сојуз, коментираат светските агенции.

Во новиот Устав има одредби кои се однесуваат на пазарот и признавањето на приватна сопственост, странски инвестиции, мали фирми, роден идентитет, право на правен застапник во случај на апсење…

Новиот Устав предвидува и реконструкција на власта, односно воведува функција премиер и го ограничува мандатот на претседателот. (МИА)