сабота, 18. јануари 2020. Вести денес: 1
home Вести

Околу 200 невакцинирани деца не одат во училиште

Околу 200 невакцинирани деца не одат во училиште

Службите за вакцинација во Охридско-струшкиот регион доставуваат списоци на родители кои не одговараат на поканите за вакцинација на нивните деца против мали сипаници, односно морбили. Лани во Струга беше прогласена епидемија од оваа болест, а годинава степенот на имунизација со оваа вакцина e речиси 99%. Во Охрид имунизирани се 98% од населението.

„Сите оние родители кои не ги донеле децата да се вакцинираат, после примање на двапати или трипати покани да ги вакцинираат, задолжително им се пуштаат пријави. Прво се известува државниот санитарен и здравствен инспекторат кој поднесува пријави до суд и тие родители се казнети. Таа казна е минимална во однос на онаа штета која можат да ја направат врз другите деца“, вели Јованка Струлакова Коровешоска- eпидемиолог.

Инаку, казните се движат од 350 до 650 евра. Против едно семејство во Охрид веќе била поднесена прекршочна пријава, а во Струга засега нема таков случај. Според службата за вакцинација, од 490 деца во Струга кои на деветмесечна возраст требало да ја примаат оваа вакцина, само четири не ја примиле и тоа поради оправдани причини. Сепак, дел од лекарите не се согласуваат децата да не одат на училиште затоа што не се вакцинирани против морбили.

„Јас мислам дека треба да одат на училиште и во градинка децата затоа што не се тие проблем. Кога се сите вакцинирани со имунитет, каков проблем се тие? Вакцините си имаат свое влијание и место, меѓутоа во пракса не можеме правото на децата да им го загрозиме. Мислам дека треба да одат со едукација на родителите во поглед на примањето на вакцините“, рече Никола Филев-педијатар.

Во моментот околу 200 деца низ Македонија не може да се запишат во прво одделение затоа што не се вакцинирани против морбили.

ИЗВОР: АЛСАТМ