сабота, 27. февруари 2021. Вести денес: 93
home Вести

Официјално: „АстраЗенека“ ќе произведува 90 милиони дози на вакцина во оваа држава

Официјално: „АстраЗенека“ ќе произведува 90 милиони дози на вакцина во оваа држава

Британско-шведската компанија „АстраЗенека“ во Јапонија ќе произведе повеќе од 90 милиони дози на вакцината, изјави денеска портпаролот на јапонската Влада, во време кога владее загриженост дали земјата ќе има доволно дози за да почне одложена кампања за вакцинација.

Фармацевтската компанија му потврди на јапонското Министерство за здравство дека повеќето вакцини ќе ги произведе во оваа азиска земја.

-Ние веруваме дека е многу важно да можеме да произведуваме вакцини дома, рече Кацунобо Като, генерален секретар на владата.

Јапонија, која зависи од странските производители, планира кон крајот на февруари да почне со масовна вакцинација, со вакцината на „Фајзер“, прво на здравствените работници.

Владата, исто така, порачала и 120 милиони дози од вакцината произведена од „АстраЗенека“ и Универзитетот Оксфорд, од кои 90 милиони ќе бидат произведени во Јапонија, а останатите ќе бидат увезени.

„АстраЗенека“ уште минатото лето почна со тестирање на вакцината AZD1222 во Јапонија и неа ќе ја произведува и дистрибуира во партнерство со фармацевтската компанија „Даичи Санкио“ и другите локални партнери.

Британско-шведскиот производител се уште не побарал одобрување за употреба на вакцината од јапонското регулаторно тело, иако клиничките испитувања во Јапонија почнале пред оние на „Фајзер“.

Јапонија се соочува со сериозни логистички пречки за кои експертите велат дека ќе ги попречат напорите на владата да го вакцинира мнозинството од населението пред Олимписките игри во Токио во јули. (МИА)

Коронавирус