петок, 4. декември 2020. Вести денес: 29
home Вести

Од бројката ќе ве полазат морници: Еве колку новинари починаа од коронавирусот известувајќи од болниците и критичните жаришта

Од бројката ќе ве полазат морници: Еве колку новинари починаа од коронавирусот известувајќи од болниците и критичните жаришта

Десетици новинари починаа низ светот од новиот коронавирус во изминатите два месеца, соопшти невладината организација Кампања за заштина на медиумите (ПЕЦ), која алармира дека медиумските работници честопати немаат соодветна заштита од заразата.

Непосредно пред одбележувањето на Светскиот ден на медиумите, 3 мај, организацијата предупреди дека многу новинари се изложени на опасност известувајќи за светската здравствена криза, при што многумина од нив се заразиле со Ковид-19.

ПЕЦ потврди дека од 1 март се регистрирани 55 смртни случаи од коронавирус меѓу новинарите во 23 земји, меѓутоа се уште не е познато дали сите тие се заразиле при извршувањето на своите работни задачи.

– Новинарите се изложени на голем ризик во оваа здравствена криза поради потребата да информираат преку посета на болници, интервјуирање лекари, медицински сестри, политички лидери, специјалисти, научници, пациенти, се додава во соопштението на ПЕЦ.

Исто така, се нагласува дека во голем број држави не се применуваат „неопходните мерки за заштита“, како што се физичко растојание, карантин и носење заштитни маски, особено на почетокот на епидемијата.

Еквадор е најпогодената земја со најмалку девет новинари кои починале од вирусот, потоа следуваат САД со осум, Бразил со четири и Велика Британија и Шпанија со по тројца новинари.

Невладината организација, исто така, нагласи и дека пандемијата на Ковид-19 се искористи во некои земји како оправдување за замолчување на медиумите.

– Цензурата, исклучувањето на интернетот, произволните апсења на новинари, физички и вербални напади и итни закони со кои се ограничува слободата на медиумите, се вообичаени дејствија во последните неколку недели, се вели во соопштението.

ПЕЦ додава дека „тоа е многу загрижувачко во период кога пристапот до веродостојни информации од јавен карактер е поважен од кога било“.

Коронавирус