недела, 20. октомври 2019. Вести денес: 0
home Вести

Oд 30 септември ЕП ќе ги сослушува новите комесари

Oд 30 септември ЕП ќе ги сослушува новите комесари

Комесарите предложени за нов состав на Европската комисија од 30 септември до 8 октомври ќе бидат сослушани од европските парламентарци.  На 23 октомври, Европскиот парламент гласа за нов тим на Комисијата, кој ја презема функцијата на 1 ноември.

Индикативниот календар на сослушувања за назначените еврокомесари го постави конференцијата на претседатели, составена од претседателот на Европскиот парламент, Дејвид Сасоли и лидери на политичките групи во парламентот.

-Европскиот парламент е решен да го гарантира најдемократскиот и најтранспарентниот изборен процес за Европската комисија. Назначените комесари ќе се соочат со фундаментални прашања за нивните вештини и соодветност, како и за нивната способност и подготвеност да се справат со грижите на граѓаните и да работат на програмата претставена од новоназначената претседателка Урсула фон дер Лајен, вели претседателот на Европскиот парламент Дејвид Сасоли.

Од 30 септември до 8 октомври, сите 27 комесари, вклучително и предложениот министер за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, ќе одговорат на прашањата од европратениците.

Сослушувањата ќе се одржуваат по две наутро, попладне и навечер. На 19 септември, конференцијата на претседатели на ЕП треба да изготви детален план – кој комесар кога и пред  кој парламентарен одбор треба да одговара на прашање на пратениците.

За 15 октомври е закажана седница на претседателите на парламентарните комисии на која ќе се оцени исходот од сите расправи и наодите пренесени на конференцијата на претседатели, кои треба до 17 октомври, да ги финализираат, да ги завршат расправите или да побараат дополнителни чекори доколку е потребно.

Европскиот парламент забележува дека дополнителни сослушувања или сослушувања на алтернативните комесари, доколку некој од предложените комесари биде одбиен, ќе се одржат на 14 и 15 октомври.

Европскиот парламент треба да го даде последното „зелено светло“ за новиот состав на Европската комисија на пленарното гласање во Стразбур на 23 октомври.