недела, 24. јануари 2021. Вести денес: 84
home Вести

Новиот вид на коронавирус и натаму се шири, потврден уште во две земји

Новиот вид на коронавирус и натаму се шири, потврден уште во две земји

Израелски, како и северноирски официјални лица соопштија дека кај нив биле откриени случаи на инфекција со новиот вид на коронавирус, откриен неодамна во Велика Британија.

Израелското Министерство за здравство истакна дека од четворица, тројца пациенти пристигнале неодамна од Велика Британија, а потеклото на четвртиот сè уште не е утврдено.

„Во последните два дена се обидувавме да провериме дали мутацијата од Велика Британија се инфилтрира и во Израел. До пред неколку минути бевме оптимисти, а сега расположението опадна поради информациите што доаѓаат од нашата лабораторија“, изјави министерката за здравство Џули Еделштајн.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека откривањето на новите случаи само ја потврдува одлуката на властите дека треба да се прекине воздушниот сообраќај од и кон Велика Британија.

Експертите ги повторија изјавите на колегите од други земји, велејќи дека вирусот, иако позаразен, не е посмртоносен од оригиналната варијанта и дека нема причина да се верува оти регистрираните вакцини нема да бидат ефикасни против него, пишуваат локалните медиуми.

Северна Ирска исто така потврди дека земјата регистрирала позитивен тест за новата варијанта на вирусот.

Министерството за здравство на Северна Ирска објави дека оваа варијанта на вирусот била во тој регион веќе некое време.

„Нема докази што сугерираат дека новата варијанта на вирусот предизвикува посериозно заболување или поголема стапка на смртност“, се вели во соопштението.

Новата варијанта на коронавирусот брзо се шири во Велика Британија и предизвикува голема загриженост во Европа, каде што неколку земји ги блокираа сообраќајните врски со островската земја.

Во соопштението се додава дека мутацијата на вирусот не е невообичаена, но брзината со која се шири новата варијанта предизвикува сериозна загриженост.

Коронавирус