среда, 17. октомври 2018. Вести денес: 48
home Вести

Новиот претседател на каталонската Влада стапи на должност

Новиот претседател на каталонската Влада стапи на должност

Новиот претседател на Владата на шпанскиот автономен регион Каталонија, Ким Тора денеска во Барселона положи заклетва, со што официјално стапи на должноста.

Тврдокорниот сепаратист Тора при полагањето заклетва не се заколна на почитување на Уставот на  Шпанија, туку, како што рече, само на „почитување на волјата на каталонскиот народ“.

Тора, кој беше избран за претседател на каталонската регионална Влада во понеделникот, на церемонијата вети дека ќе се залага за „изградба на независна држава“, при што не спомена почитување на Уставот на Шпанија, на шпанскиот крал Фелипе Шести, ниту на Статутот на Каталонија, со кој се регулирани нејзините надлежности како автономен регион.

Слично како и неговиот претходник на оваа функција Карлес Пучдемоин во 2016 година, и Тора вети дека „чесно ќе ги извршува обврските како претседател на каталонската Влада, почитувајќи ја волјата на народот, претставуван од Парламентот на Каталонија“.

На церемонијата на полагањето заклетва на 55-годишниот Тора не присуствувааше ниту еден претставник на централните шпански власти, а не беше истакнато ниту знамето на Шпанија.

Шпанската Влада на премиерот Маријано Рахој реши да не испраќа свој претставник на церемонијата во Барселона, објвинувајќи дека „регионалната извршна власт“ сакала таа да го одредува нивото на владината делегација, што било неприфатливо за Мадрид.

– Владата исто така смета дека церемонијата организирана од каталонската Влада претставува навреда на достоинството на институцијата, се додава во владиното соопштение.