четврток, 23. септември 2021. Вести денес: 0
home Вести

Нови детали за пожарот во Кемерово: Загина 41 дете, еве што се случувало

Нови детали за пожарот во Кемерово: Загина 41 дете, еве што се случувало

Окружниот суд во сибирскиот град Кемерово денеска одреди двомесечен притвор за Надежда Судјонок, закупец на трговскиот центар каде во пожарот загинаа 64 лица, од кои 41 дете.

– Судјонок, која е обвинета дека не ги исполнила неопходните безбедносни мерки, а ќе биде во притвор до 25 мај, изјави судијата Дмитриј Шандров.

Судот по сослушувањето ќе одреди дали ќе досуди притвор за уште четворица приведени, меѓу кои и техничкиот директор на компанијата, сопственик на трговскиот центар Александар Никитин и задолженото лице за одржување на противпожарниот аларм Игор Положињенко.

На сослушување е и Сергеј Антјушин за кого истражителите претпоставуваат дека не го вклучил противпожарниот аларм.

Во Кемерово денеска се се погребуваат жртвите, а претходно беа одржани комеморации во три градски цркви.

Претседателот Владимир Путин денешниот ден го прогласи за Ден на жалост, а знамињата се спуштени на половина копја, а забавните манифестации се откажани ширум регионот.

Во пожарот што изби во неделата во трговскиот центар „Зимњаја вишња“ (Зимска вишна) во Кемерово загинаа 64 луѓе, од кои 41 дете.

Путин при вчерашната посетата на местото на несреќата изјави дека „криминалната негрижа“ е една од причините за пожарот, додека претседавачот на Истражниот комитет Александар Бастрикин на состанокот со кој претседаваше рускиот претседател изјави дека не работел противпожарниот апарат во трговскиот центар.

– Противпожарниот апарат не работеше од 19 март и никој не се погрижи за тој проблем. Еден од чуварите во трговскиот центар заборавил на време да го вклучи системот за гласовно предупредување. Не можеме да пронајдеме разумни објаснување, најверојатно воопшто не бил обучен, посочи Бастрикин.

Според истражителите причина за пожарот е неисправна електрична инсталација, а бројот на жртвите е голем бидејќи излезите за вонредни ситуации биле заклучени што ја отежнало евакуацијата.

По пожарот повеќе стотини граѓани протестираа во Кемерово барајќи одговорност за несреќата.

Огнот се прошири од четвртиот, највисокиот кат на трговскиот центар каде беа  кино салите и куглана и зафати околу 1.600 метри квадратни. На видео снимките што беа објавени на социјалните мрежи се гледа како луѓето скокаат од прозорци за да се спасат од огнот.

Но, претставникот на локалната власт Владимир Чернов изјави дека пожарот можеби е предизвикан од дете кое имало запалка.

– Пожарот се прошири од просторијата со трамполина. Постои сомнеж дека некое дете имало запалка и запалило гумена пена во просторијата со трамполина, по што изби пожар, истакна Чернов.

Во Русија пожарите често завршуваат со голем број жртви.

Најголем број на жртви предизвика пожарот што се случи во 2009 година во ноќен клуб во Перн на Урал, при што загинаа 156 луѓе. Тоа беше најсмртоносен пожар во последните десет години. Причина за пожарот е огномет, а големиот број на жртви е поради тоа што објектот немал доволно во излез.

Во 2007 година при пожар што изби во старски дом во јужната руска покраина Красандор  загинаа 63 луѓе. Огнот настанал од запалена цигара.

Во подметнат пожар во болница за одвикување од наркотици во Москва загинаа 46 лица. Несреќата се случи во 2006 година во Москва.

Во 2003 година во пожар во хостел на Рускиот универзитет на пријателството на народите во Москва загинаа 44 лица. Хостелот немал соодветна противпожарна заштита.

Во 1999 година пожар уништи полициска станица во Самара, при што загинаа 57 луѓе. Причината за пожарот се уште не е официјално утврдена.

Коронавирус