вторник, 28. септември 2021. Вести денес: 52
home Вести

Норвешка: 10 години од нападот на десничарскиот екстремист Брејвик

Норвешка: 10 години од нападот на десничарскиот екстремист Брејвик

Во Норвешка денеска се одбележува 10-годишнината од крвавите настани во кои десничарскиот екстремист, Андерс Беринг Брејвик, уби 77 лица, во најтешкото насилство во оваа нордиска земја од Втората светска војна.

На 22 јули 2011 година, Брејвик прво активираше бомба пред кабинетот на премиерот во Осло, при што загинаа осум лица, по што се упати кон островот Утоја, каде уби уште 69 лица собрани во камп на млади лабуристи.

Во Осло се одржа комеморација пред кабинетот на поранешниот премиер, што денеска е празен поради спорот околу тоа како да се обнови, а на која присуствуваа премиерот Ерна Солберг, преживеани и семејствата на жртвите, како и политички лидери и норвешкиот престолонаследник Хакон и неговата сопруга Метте-Марит.

Надвор од обезбеденото подрачје минувачите застануваа, а некои и се прегрнаа кога се читаа имињата на жртвите.

-Боли кога ќе помислиме на тој мрачен ден во јули пред десет години. Денеска жалиме заедно. Денеска се сеќаваме дека 77 лица никогаш не се вратија дома. Теророт од тој ден беше напад врз нашата демократија, рече Солберг.

Андерс Беринг Брејвик (42) доби 21 година затвор и таа казна може да се продолжи до доживотен рок, ако тој се смета за опасен за општеството. Преживеаните денеска се загрижени затоа што тој стана инспирација за белите сумпремацисти ширум светот.

Преживеаните, од кои многумина во тоа време беа тинејџери, се решени да стават крај на крајната десничарска идеологија што го активираше нападот и еднаш засекогаш да се одречат од расизмот и омразата во општеството.

Точно напладне камбаните на црквите низ целата земја удираа пет минути.

Комеморацијата ќе има и на островот Утоја, а настаните ќе завршат со вечерна церемонија на која ќе зборува кралот Харалд.

Коронавирус