недела, 20. септември 2020. Вести денес: 3
home Вести

Невестата од Бејрут: „Мислев дека ќе умрам“ или како најубавиот ден во животот на млада докторка стана кошмар

Невестата од Бејрут: „Мислев дека ќе умрам“ или како најубавиот ден во животот на млада докторка стана кошмар

Силата на експлозијата ја фрли невестата на земја, а и младоженецот не помина подобро. Тој „одлета“ речиси два метри пред да падне на земја

Требаше да биде најубавиот ден во нивните животи.

Исраа Себлани стоеше во нејзината венчаница на мал плоштад во центарот на Бејрут додека снимателот Махмуд Накиб ја обиколуваше со камерата. Нејзината венчаница беше навистина луксузна – чипка украсена со кристали. Долгиот хиџаб се влечеше по тлото зад неа. Шминката „Smokey eye“ и ненаметлив светло розов кармин. Насмевка “од уво до уво“. Младоженецот Ахмад Сбеих чека трпеливо. Пристојно облечен. Мобилен телефон во рака.

Најубавиот ден во нивните животи престана да биде тоа во 18:08 часот.

Тогаш, страшна експлозија, силна како десетина од експлозијата на атомската бомба што падна врз Хирошима, една од најсилните не-нуклеарни експлозии во историјата, го потресе центарот на Бејрут и уби најмалку 157 лица и повреди повеќе од пет илјади.

Судбината на 80 луѓе сè уште не е позната. Тие се сметаат за исчезнати.

Исраа падна од силата на експлозијата.

„Помислив само една работа – сега ќе умреш“, рече Себлани за „Њујорк тајмс“.

Камерата на Накиб го сними точно моментот кога експлозијата го потресе квартот Саифи, на околу километар и половина оддалеченост од местото на експлозијата, пристаништето во Бејрут. Себлани и Сбеих веднаш се обидоа да се засолнат и да дознаат што се случило. Видеото во кое наплив на воздух ја вее венчаницата на Исра додека таа во паника се обидува да најде засолниште стана вирална сензација.

Тоа е спомен кој ретко кој го посакува.

За споменатиот пар, тој 4 август започна како вистински ден од соништата.

Себлани пристигна во Бејрут од Соединетите држави три недели пред венчавката, а само можеше да мисли на заедничкиот живот кој ќе го почне со сопругот.

„Во моментот кога се правеа снимките, мојот живот беше нормален“, рече 29-годишната Себблани. Улиците беа преполни. Рестораните исто така. За само неколку секунди, небото ја смени бојата од сина во розова, а чадот се рашири низ градот.

Двојката не знаеше дека во тоа време пожарот тогаш беснееше во пристаништето каде што експлодирале 2.750 тони амониум нитрат, експлозивна хемикалија што се користи како ѓубриво. „Од моментот кога ја слушнавме експлозијата до моментот кога се најдов на подот, помина само една секунда. Градот полн со живот се претвори во град на духови“, вели Себлани.

Кога невестата стана, плоштадот каде што се наоѓаше беше покриен со стакло. Околу неа имаше луѓе покриени со крв. Многумина плачеа. Себлани мислеше дека некој го напаѓа тој дел од градот и дека таа и нејзиниот сопруг ќе бидат убиени.

Сбеих вели дека кратко слушнал експлозија додека Накиб ја снимал Себлани. Тој ги прашал луѓето околу него дали и тие ја чуле. „Фотографот ми рече: ‘тоа е Либан знаете, не обрнувајте внимание на тоа“, вели Сбеих. „Но, после тоа слушнав експлозија каква што никогаш не сум слушнал во животот“.

Тресокот беше толку силен што Сбеих беше отфрлен речиси два метри и заврши на тлото. Тој веднаш започнал да ја бара својата невеста и да го смислува нивното бегство. Двојката се сокрила во блискиот ресторан.

Во манир на воен снимател, Накиб не ја исклучи камерата, туку ја искористи за да сними што се случува на улиците.

Откако дојдоа на себе, Себлани и Сбеих заминале со возило дома. Им се наметнало едно прашање: Дали треба да инсистираат на венчавката?

Двојката ја одложува венчавката три години, бидејќи чекаат Сбеих да добие виза за да ѝ се придружи на Себлана во Соединетите држави. Во моментот таа завршува стажирање во одделот за ендокринологија во болница во Детроит. „Мислевме дека ова ќе биде наша година, но изгледа дека нема“, вели Себлани низ насмевка.

Двојката, сепак, во вторникот одлучи дека доволно чекале со венчавката. Тие направија мала свадба дома во кругот на семејството.

Сопружниците сега треба да одлучат што понатаму.

Себлани сака да се врати во Америка за стажирање, но се плаши да го остави сопругот во Либан. „Животот во Либан станува комплициран. Но, ние мора да бидеме заедно. Ние сме разделени три години и тоа е многу“.

Во средата, тие дури се вратија на плоштадот каде што беа кога експлозијата одекна во Бејрут. Себлани вели дека сакала да се врати назад, бидејќи се и се чинело нереално. „Кога стапнав на тој плоштад, почувствував сè. Мислам дека ќе го паметам тој момент секој пат кога ќе одам таму“, рече таа.

И покрај фактот што почетокот на нивниот брачен живот беше обележан со траума, Себлани знае дека таа и нејзиниот сопруг всушност имале среќа. Но, тоа не значи дека тие се среќни сега.

„Има семејства кои изгубиле деца, деца кои ги изгубиле своите родители. Како тогаш, имаме право да бидеме среќни?“, вели таа. „Сè што останува е да му се заблагодариме на Бога за сè“.

Коронавирус