четврток, 19. септември 2019. Вести денес: 109
home Вести

Нетанјаху одлучи да оди на предвремени избори поради корупциските скандали

Нетанјаху одлучи да оди на предвремени избори поради корупциските скандали

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и шефовите на другите коалициски партии утрово одлучија да го распуштат Кнесетот (израелскиот парламент) и да одржат предвремени избори на 9 април 2019 година.

Изборите требаше да се одржат во ноември 2019 година.

Оваа голема политичка драма е поврзана со претстојната одлука на државниот обвинител дали да го обвини Нетанјаху за три одделни случаи на поткуп.

Минатата недела државниот обвинител изјави дека одлуката за случаите на Нетанјаху ќе биде донесена во наредните неколку месеци. Одлуката да се оди на предвремени избори може да влијае врз неговата агенда.

Пред само еден месец, по оставката на министерот за одбрана, Авигдор Либерман, Нетанјаху се бореше да ја одржи својата коалиција, предупредувајќи на прес-конференција дека израелската безбедносна ситуација е многу нестабилна, а дека предвремените избори би биле опасни. Денес Нетанјаху го отфрли ова и објави предвремени избори.

Предвремените избори во Израел се многу значајни за Белата куќа и за нејзиното учество во израелско-палестинскиот процес, при што Нетанјаху е еден од најверните сојузници на претседателот Трамп во меѓународната заедница.

„Претстојните избори во Израел на 9 април се еден од многуте фактори што ги разгледуваме во проценувањето на тајмингот за објава на мировниот план“, рекол висок официјален претставник на Белата куќа.