недела, 25. октомври 2020. Вести денес: 75
home Вести

Не завршува голготата на децата и тренерот: Иако ги пронајдоа, не можат да ги извлечат од пештерата

Се верува дека во пештерата влегле додека во неа немало вода, а тогаш поплавите го блокирале влезот
Не завршува голготата на децата и тренерот: Иако ги пронајдоа, не можат да ги извлечат од пештерата

Децата и тренерот се пронајдени живи во пештера, а еден од начините да излезат е да научат да нуркаат.

Дванаесетте деца и нивниот фудбалски тренер се заробени во пештера во Тајланд од каде можат да излезат само ако научаат да нуркаат или да почекаат додека не заврши дождовната сезона.

Групата се водеше за исчезната девет дена, кога ги пронашле нуркачи.

Спасувачите се обиделе да го совладаат нивото на водата кое расте за на децата и тренерот да им однесат храна и основни работи.

Од армијата велат дека може да биде потребно да им се прати храна за наредните неколку месеци.

Во тек се обиди во внатрешноста на пештерата да се инсталира електрична енергија и телефонска линија за децата да можат да стапат во контакт со родителите, велат тајландските претставници.

Како ги пронајдоа децата?

Британски нуркачи кои им се придружија на тајландските сили во потрага по децата ги пронајдоа во текот на вчерашниот ден.

Видеото од првиот контакт со децата го споделија тајландските специјални сили на Фејсбук.

На снимката се гледаат децата како под светло од батериска лампа седат на карпа над водата. На нуркачите им кажале дека сите се на број и оти се гладни.

Прашале и колку долго се во пештерата и дали можат да одат надвор. Нуркачите им одговориле дека ќе мора да почекаат, но оти ќе се вратат по нив.

-Важи. Се гледаме утре, одговорило едно од децата.

Како стигнале во пештерата?

На децата на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер им се губи трагата на 23. јуни.

Се верува дека во пештерата влегле додека во неа немало вода, а тогаш поплавите го блокирале влезот.

Пронајдени се на карпа која се наоѓа околу четири километри од главниот дел на пештерата.

Се претпоставува дека децата можеле да се движат низ пештерата додека налетите на вода не ги блокирале патеките и не ја намалиле видливоста.

На нуркачите најтешко им било покрај т.н. плажа Ратај, каде пронашле подигнат насип. Сите се надеваа дека децата се на тоа место.

Нуркачите морале да се пробијат низ мали, тесни и остри кривини. На крајот на патувањето виделе дека таа плажа е поплавена и продолжиле понатаму. Децата ги пронашле 400 метри понатаму.

Како можат да излезат од пештерата?

Извлекувањето на децата од пештерата е многу опасно поради лошите услови.

Пештерскиот комплекс Там Луанд се наоѓа во северот на Тајланд во регионот Чаинг Раи каде поплавите се чести за време на летната дождовна сезона која трае од јуни до октомври.

Доколку излезат од пештерата пред тоа ќе мораат да научат да нуркаат.

Експертите предупредуваат дека тоа може да биде многу ризично, бидејќи би требало неискусни млади нуркачи да се пробијат низ тесни пештерски патеки со многу ниска видливост.

Доколку се чека водата да се повлече, тоа би значело дека децата во пештерата ќе поминат неколку месеци.

Специјалн облечени доктори ќе ја посетуваат пештерата за да ја прегледаат групата.

Џонатан Хед, новинар на Би-Би-Си за југоисточна Азија јавува дека тајландската војска има неколку лекари обучени да нуркаат и да стигнат до непристапниот терен.

-Дури и кога децата ќе ја вратат силата, ќе биде многу тешко да се извлечат низ тесните тунели. Дождовната сезона само што почна, вели Хед.

Кои се децата?

Дванаесетте деца се членови на фудбалски клуб. Тренерот често ги водел на излети.

Тинаркорн Бунпием, мајка на едно од децата за агенцијата АФП изјавила дека и е многу мило што се пронајдени.

-Сакам тој да е добро. Не можам да ви опишам колку сум среќна, изјавила роднина на друго дете.

Коронавирус